Германија би можела да отпушти и до 3,4 милиони вработени во градежништвото, а главните гранки како индустријата за челик, хемикалии и за хартија би биле под клуч најмалку неколку недели. Вака изгледа страшната проекција за тоа што би се случило ако земјата која е мотор на Европската Унија остане без руските гас, нафта и јаглен, предвидуваат германските синдикати ИГ Метал, ИГБЦЕ и ИГ Бау, пишува РТ.
– Експлозијата на цените на енергенсите, но пред сè можното ембарго за гас, тешко би ја погодило енергетската интензивна индустрија, која е мајка на индустриската мрежа – истакна Михаел Василијадис, претседател на германскиот синдикат на хемиски работници.
– Не само што би биле намалени работните часови и би биле изгубени работни места, туку тоа би значело и брз колапс на синџирите на индустриското производство во Европа – со светски последици – додава тој.
Без германска индустрија, нема европска индустрија
Огромните отпуштања во градежништвото, над 3,4 милиони луѓе, се должат на тоа што тоа целосно се потпира на варот и на цементот за чие производство е потребна енергија и енергенси, објаснува Роберт Фајгер од градежниот синдикат.
Неговиот колега од синдикатот на металските работници ИГ Метал, Јерг Хофман, исто така зборуваше за опасноста од нарушување на синџирите на индустриското производство поради тоа што тие се „од фундаментално значење за Европа како место за бизнис“.
Тој ја повика германската влада да обезбеди поддршка за компаниите и да ги заштити вработените во случај на намалување на производството предизвикано од „прекумерни трошоци за енергија“.





