Средношколците на големо задоволство ја дочекаа одлуката на Комисијата за заразни болести согласно која се препорачува укинување на задолжителното носење маски за време на часовите. Секако, ќе треба да почекаат уште некое време, бидејќи за да стапи на сила потребно е прво да се изјасни и Главниот кризен штаб, а потоа да се усвои и на седница на Влада. Во основните училишта, учениците веќе не мора да ги носат маските.
-Нормално дека се радувам на ваквата препорака. Не е баш најпријатно да се седи со заштитна маска цел ден за време на часовите. Ние и онака по завршување на училишните обврски имаме низа други активности каде што не носиме маски. Најголемиот дел од нас се занимава со спортски активности, музика, односно часови по пијано, гитара…Да не споменувам дека и постојано се дружиме во кафулиња, родендени, забави… Освен тоа, многумина од нас средношколците и ја прележаа болеста, мал дел сме и вакцинирани, така што навистина се радуваме што Комисијата за заразни болести вчера препорача и ние да не мора задолжително да ги носиме маските, вели Д. К, ученик во скопската гимназија „Никола Карев“ за Фактор.мк.
Истовремено, во изјава за Фактор, епидемиологот Драган Даниловски посочува дека епидемиолошката состојба во Македонија дозволува маските да се симнат веднаш и тоа да важи за сите, совен за повозрасните и тоа во затворени простории.
-Јас одамна се заложив маските да се симнат за сите ученици! Штетата по нивното ментално здравје ја надминува штетата од ковидот. Сепак, Комисијата за заразни болести препорача тоа да се стори прво само во основното образование, а за средношколците да се почека. Според мене, сосема непотребно, зашто епидемиолошката состојба дозволуваше маските да се симнат веднаш за сите. Епидемиолошката ситуација е таква што веќе е сосема доволно да се препорача носење маски во затворен простор само на постарите граѓани и на оние кои имаат хронични болести. Сертификатите за вакцинација треба сосема да се укинат, вели проф. Даниловски.
Линк до целиот текст.






