Павловска: „Сомнителни се целиот попис и ефектот – зошто обична статистика беше претставена пред сите амбасадори и политичкиот врв?“

„Објавената бројка на резидентно население од 1.836.713 лица предизвикува поразителен впечаток: во однос на податоците од 2002 година бројот на жители е намален за 185.834 лица или за 9,2 проценти. Тоа е огромен одлив на население. Државата отишла во длабок популациски минус.“ – вели Јасминка Павловска во својата анализа со наслов „Игри со реториката или со бројките“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Павловска пишува: „Нерезидентното, а попишано население изнесува 260.606 лица. Причината што се наведува за намалувањето на резидентното население се големата смртност во текот на овие изминати две децении, но и иселувањето на населението. Таквите бројки наведуваат на заклучоци за квалитетот на животот во Македонија.“

„Неодамна директорот на Заводот за статистика изрази стравување дека ‘по објавување на резултатите ќе биде државен непријател број 1’, а на објавувањето на резултатите тој кажа дека направил(е) ‘херојско дело’.“ Како може можен ‘државен непријател број 1’ истовремено да направил и херојско дело? За кого направил херојско дело? За чии цели? Зошто се смета и за државен непријател број еден? Кого предал и изневерил?“

„Целата помпезност на ‘свечено објавување’ на резултатите од пописот, во салата на Филхармонијата, со присуство на високи владини претставници, дури и на амбасадори, колку и да е со желба да се потврди како поддршка на довербата за веродостојноста на податоците, остава простор за сомнеж во целиот процес и крајниот ефект. Особено што резултатите од пописот, спроведен во септември минатата година, шест месеци во јавноста имаа некаков статус на ‘строга доверливост’, речиси на ‘државна тајна“’.

„Во пописот се појавуваат ‘6,31 (отсто) лица (од вкупно попишаните) за кои податоците се преземени од административни извори – не се прашани за етничката припадност’ и ‘7,2 (отсто) лица (од резидентно попишаното население) за кои податоците се преземени од административни извори, а не се прашани за етничката припадност’. Кој треба да ја пополни таа празнина од 7 отсто? Зошто не биле прашани? Од каде и како се преземани податоци од административни извори и дали тие се совпаѓаат со собраните податоци од терен итн? Мноштво прашања остануваат неодговорени.“

„Како Бугари на пописот се изјасниле 3.504 лица, а 1.519 пријавиле дека бугарскиот им е мајчин јазик. Ваквите бројки на македонски граѓани со бугарско самочувство само ја потврдуваат констатацијата дека политичките тези на Софија за некакво бугарско малцинство во Македонија е повеќе измислена пропаганда, која ниту статистички не може да се покаже и докаже.“

„Симптоматично се совпаѓа бројот на резидентното население со гласачите заведени во избирачкиот список. Како е можно да има приближно ист број на гласачи заведени на избирачкиот список како и на попишани? “ – наведува Јасминка Павловска во својата анализа, покрај другото.

Интернет-врска до целата анализа:



https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/nas-stav/igri-so-retorikata-ili-so-brojkite/