И Јужна Осетија, како Донецк и Луганск, сака да биде дел од Русија, Абхазија не

Јужна Осетија, која по руско-грузиската војна од 2008 година беше призната од Русија за независна држава, наскоро ќе преземе легални чекори за да ѝ се припои на Руската Федерација, најави претседателот Анатолиј Бибилов.



Иако најголемиот дел од светот и понатаму ја признава како дел од Грузија, која нема контрола врз неа уште од распадот на Советскиот сојуз во 1991 година, самопрогласената република од 3.900 километри квадратни со 53,5 илјади жители реши да ги следи Донецк и Луганск. Нив Москва непосредно пред воената интервенција во Украина ги призна за независни држави, но тие во меѓувреме најавија референдум за пристапување кон Русија.

„Верувам дека обединувањето со Русија е наша стратешка цел, наша патека, желба на нашиот народ. И ние ќе се движиме во тој правец. Ќе преземеме соодветни законски чакори во блиска иднина. Република Јужна Осетија ќе биде дел од својата историска татковина – Русија“, изјави Бибилов.

За разлика од републиката од регионот на Кавказ, другиот отцепен грузиски регион Абхазија, исто така признат од Москва, нема таква намера.

„Уставот на Абхазија јасно нè дефинира како независна земја. Русија е наш стратешки партнер, блиска и братска земја, но нашата република нема планови да ѝ се приклучи на Руската Федерација“, изјави претседателот на Парламентот во Сухуми, Валериј Квархја.

Абхазија се наоѓа на брегот на Црното Море, се протега на територија од 8.661 м2 и има 245 илјади жители.