Анализа: Во 66 општини има помалку луѓе од пред две децении, само во 14 повеќе

Гостивар, Кичево и Струга заедно имаат 50 000 жители помалку отколку во 2002 година, покажува споредбата која „360 степени“ ја направи со резултатите од пред две децении. Тоа се и трите општини во земјава кои изгубиле најмногу население во бруто број на жители.



Помеѓу помалите општини, има екстремни примери каде населението е речиси преполовено за две децении. Општини како Центар Жупа, Маврово и Ростуша и Ново Село, изгубиле 40% или повеќе жители од бројот на население од пред две децении
Единствени општини кои бележат раст на бројот на население се скопските и неколку општини кои што гравитираат околу Скопје

По две децении, земјава конечно направи попис чии резултати се објавени во јавноста. Како што и се очекуваше, за дел од политичките фактори и граѓаните тој е релевантен, за дел не. Тие контрадикции во најголем дел произлегуваат од (не)изјаснувањето за етничката припадност, односно значителниот број на граѓани кои или не им отвориле врата на попишувачите, или одбија да се попишат од странство или едноставно не биле попишани. И тие граѓани, сепак, беа попишани со употреба на разни бази на податоци (Фонд за здравство, банки итн.) но за нив остана празна графата за етничка и верска припадност бидејќи тие определби на една индивидуа не се впишани во ниту една база на податоци.

Овие граѓани, практично, се трета по бројност „етничка група“ во државата, по Македонците и Албанците. Од резидентното население, на пример, Македонците се 58,44 проценти, Албанците 24,3, а групата за која податоците се преземени од базите и не се прашани за етничката припадност се 7,2 отсто.

Додека едни ги негираат резултатите на пописот а други калкулираат дека најголем дел од тие 7,2% се Македонци, „360 степени“ направи анализа на еден друг податок кој засега никој не го доведува во прашање – вкупното население во земјава или т.н. резидентно население. Бројките од овој дел од пописот (без дијаспората) се споредливи со минатиот попис од 2002 година бидејќи со него се попиша само населението во земјата. Уште пред објавувањето на вкупните резултати беше јасно дека земјава има далеку помалку луѓе отколку пред две децении, но сега знаеме и колку. Ако во 2002 сме биле 2 022 547 жители, сега сме 1 836 713. Или, 185 834 жители помалку. Или околу 10% помалку за 20 години. Прашањето кое ние им го „поставивме“ на бројките е – од каде избегало најмногу население?

Целата анализа на следниот линк:

Демографски егзодус: Во 66 општини има помалку луѓе од пред две децении, само во 14 повеќе