„Настојувањата на Бугарија да го ‘исчисти’ своето минато од секогаш погрешниот избор на страна во историјата, но и обидите за присвојување делови од историја на други народи, не се невообичаена појава во бугарската историографија. Сегашните раширени трендови за ревизија на историјата одат во прилог на премолчување на таквите извежбани фалсификаторски ‘вештини’, својствени за бугарската историска наука“ – вели Јасминка Павловска во својата анализа со наслов „Историска ревизија, фалсификати и ретуширање за бугарското ‘администрирање“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
„Бугарска офанзива да го исчисти своето минато од погрешните историски избори“
Павловска пишува: „Станува се понагласен трендот за толерирање на обидите за ревизија на историјата поврзана со Втората светска војна, што се забележува токму во делот од светот, кој сака да се нарекува ‘западнодемократски’. Токму еден таков изблик деновиве е забележан во Софија, Бугарија. Тоа беше повод за заострување на односите и дипломатска ‘престрелка’ со Руската Федерација. Овој пат повод за почеток на дипломатско-реваншистички релации меѓу овие две, своевремено блиски земји, е сквернавењето на споменикот во Софија ‘на Советската армија – ослободителка од благодарниот бугарски народ’, а дополнето со ‘иницијатива за негово отстранување’.“
„Со отстранување споменици Бугарија не може да си ја смени историјата дека била ‘фашистичка држава“
„Таквиот чин и иницијатива за отстранување на споменикот предизвика реакција на руската амбасадорка во Бугарија, Елеонора Митрофанова. ‘Ако не беше СССР, од Бугарија ќе останеше само Софиската Област. Бидејќи тогаш, по Втората светска војна, стана збор за поделба на Бугарија и само Советскиот Сојуз не дозволи таа да се подели. Не само што СССР не даде таа да се подели, туку ѝ ја остави и добивката Добруџа. Поради тоа, колку и да се сложени односите, потребен е пообјективен поглед на историјата.’ – изјави Митрофанова за овој случај во едно интервју.“
„Европскиот ревизионизам ѝ годи на бугарската вештина за фалсификување на минатото“
„Современите тенденции на европски план за ревизија на историјата одат во прилог на премолчување на таквите извежбани фалсификаторски ‘вештини’, својствени за бугарската историска наука. Еден од примерите на европската толеранција на бугарскиот ревизионизам е и фактот што ЕУ ги премолчува (што се толкува како одобрување) историските условувања од оваа нејзина земја-членка за почеток на преговорите на Македонија за членство во Унијата. Во еден од тие услови за Македонија е содржано барањето за отстранување на квалификацијата ‘бугарски фашистички окупатор’ од македонските учебници и споменици, што се однесува на улогата на Бугарија за време на Втората светска војна.“
„Бугарија со демолирање споменици од нејзината територија и со уцените и барањата од Македонија да ги менува сопствените учебници и споменици настојува да го постигне невозможното – да си го избрише комплексот дека двапати, во пресвртни цивилизациски мигови, била на погрешната страна на историјата. Бугарија не може да го избрише своето минато. Тоа што се случило ќе си го носи како бреме низ времето.’ – вели историчарот Тодор Чепреганов.“
Интернет-врска до целата анализа:





