ФТ: Русија ќе „ѝ дозволи“ на Украина да се приклучи на ЕУ!?

Русија, е подготвена да му дозволи на Киев да се приклучи на Европската унија под услов да остане воено неутрален и наводно се откажува од барањето за „денацификација“ на Украина.



Ова го тврдат четири лица запознаени со мировните преговори меѓу Украина и Русија, кои се очекува да продолжат денеска, 29 март, во Истанбул, пренесува „Фајненшл тајмс“.

Москва и Киев, наводно, преговараат за прекин на огнот како дел од можниот договор кој би вклучил повлекување на Украина од членството во НАТО во замена за безбедносни гаранции и можност за пристапување во Европската унија, велат луѓето кои не сакале да им се открие идентитетот.

Нацрт-документот за прекин на огнот не ги споменува трите првични клучни барања на Русија – „денацификација“ и „демилитаризација“ на Украина и правна заштита на рускиот јазик во Украина, додаваат изворите.

Претставниците на двете страни денеска се среќаваат во Истанбул во четвртата рунда од мировните преговори чија цел е да се стави крај на инвазијата на Украина што ја започна рускиот претседател Владимир Путин.