„Во мноштвото пораки и објави од нашите политичари, политички партии, амбасадори итн., по победата на Македонија над Италија во комуникацијата на социјалните мрежи се испушта името на Македонија. Не се споменува Македонија, туку е прикачено само знакче со знамето на државата. Комуниколозите обрнуваат внимание дека избегнувањето, или можеби испуштањето на именувањето, е начин за релативизирање на идентитетот, на оној за кој се пишува, во случајов за нашата држава Македонија. Суштински белези на нацијата и државата се името, знамето, грбот, химната, јазикот… Посебно во услови на тешки оспорувања на нашиот македонски идентитет за кој темелен носител, всушност, е името! Политичарите мора да го знаат тоа.’ – вели Јасминка Павловска во својата анализа со наслов „Името оди заедно со знамето!“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Павловска пишува: „ По победата на македонската фудбалска репрезентација во баражниот меч со европскиот првак Италија за пласман на Светското првенство и пред денешниот финален меч со Португалија, на социјалните мрежи ‘врие’ од честитки и од пораки за поддршка на македонските фудбалери. Честитките и пораките се поставени од индивидуалните официјални профили на политичари, амбасадори, но и на политички колективни субјекти, т.е. од партиите. Во овие пораки и објави од политичарите, случајно или намерно, е испуштено името на државата, односно не се споменува Македонија.“
„Во повеќе од тие објави е забележливо дека во делот од реченицата кога треба да се нагласи субјектот и носителот на победата – Македонија и македонските фудбалери – зборовите се заменети со знакчето на македонското знаме. Секако и тоа не нова појава, а политичарите што го користат тој начин на комуникација би рекле дека е во духот на знаковното општење на социјалните мрежи. Таквите честитки и пораки со замена,поточноо одбегнување супституција на државните белези, предизвикува реакции на негодување кај другите корисници, кои се прелеваат и на другите медиуми, па и општо во јавноста. Суштински белези на државата се името, знамето, грбот, химната, јазикот итн. Но тие одат заедно еден со друг и не може да се исклучуваат или заменуваат.“
„Објавувањето само знакче со знамето на државата, без притоа да се спомене името на државата, не е израз на почит и патриотизам кон сопствената држава и народ, туку нешто сосема спротивно. Сите, особено политичарите, мора да го знаат тоа. Дека името е практично идентитетот. Името Македонија мора прво и гордо да се користи во секоја можна пригода, особено по еден ваков огромен успех на македонската фудбалска репрезентација. Нивната победа е и победа на Македонија.“
„ Лоша е пораката што се испраќа во честитките и поддршката од политичарите за спортските победи на Македонија, а се избегнува да се користи името на државата и да се спомене македонската репрезентација, заменувајќи ја со знакчето на националното знаме. Користењето неутрални изрази и знаци од страна на политичарите, за да се избегне споменувањето на именката Македонија и придавката ‘македонско/а/и’, предизвикуваат само негативна енергија во јавноста. Фудбалерите, а и другите спортисти на социјалните мрежи најчесто и понатаму го користат именувањето Македонија.’ – вели политикологот и комуниколог Синиша Пекевски.“
Интернет-врска до целата анализа:
https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/imeto-odi-zaedno-so-znameto/





