Битиќи ги повика синдикалците да се вратат на преговори

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вечерва ги повика синдикалните претставници да се вратат на преговарачката маса.



-Вратете се на преговарачка маса, протестите на улица не носат решение. Само да испочитуваме дијалог, преговори и ќе дојдеме до решение. Никој нема да биде оштетен, секој ќе добие тоа што заслужува – тоа го договоривме на Социјалниот совет, рече Битиќи во гостувањето на 24 анализа заедно со претставниците на синдикатите.

Владата, непомена Битиќи, се бори за достоинствени плати на граѓаните.

-Да се вратиме на маса. Ќе ги кажеме фактите, ќе ги согледаме ситуациите, сите сме разумни луѓе и на крај ќе најдеме решение. Ние се бориме за достоинствени плати, без или со репрезентативни и нерепрезентативни синдикати зашто веруваме дека секој во нашето општество заслужува достоинствени плати. Местото за да најдеме решение е на преговарачка маса и со секое ресорно министерство, подвлече вицепремиерот.

-Ако некој во Собрание сака да си игра политика, веројатно сака на грбот на работниците и на штета на животот и достоинството на работниците да си кажува колку е голем политичар. Тоа не сме ние, тоа се тие кои во Собрание упорно не го ставаат законот за образование да се изгласа, со кој би добиле закон за целосно усогласување на платите и дополнително зголемување на платите, рече вицепемиерот Битиќи.

КСС останува на ставот дека треба да има протести. Од СОНК најавија дека нема да учествуваат в среда на протестите, но даваат поддршка на колегите од гранските синдикати. Најавија дека утре ќе донесат конечна одлука дали СОНК ќе организира генерален штрајк во дејностите детска заштита,основно и средно образование, веројатно и високо образование.

Битиќи потсети дека во изминатите години, со растот на минималната плата, соодветно растеле платите во сите сектори.

– Ако одиме по сектори, податоците за раст на платите се следни: Шумска полиција зголемување од 30 отсто во 2021 според колективен договор, АНБ и Агенција за разознавање согласно соодветните закони имаме зголемување од 20 до 25 отсто од 2019 до 2021 година, во Катастарот зголемување од 5 до 30 отсто во 2019 година за геодети информатичари, во казнено поправните домови од 25 до 30 зголемување согласно Законот, во образование по 5 отсто зголемувања во 2018, 2019, 2020 и по 10 отсто.

Со законот кој што е заглавен во собрание за дополнителни 5% од септември, истакна Битиќи потсетувајќи дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Собранието со месеци го блокира Законот за наставници и стручни соработници и го повика Синдикатот за образование и наука, таму да изврши притисок.