Каква е демографската слика на земјава 20 години подоцна: Од сцената на Филхармонија ќе бидат презентирани бројките од „Пописот 2021“

По речиси 20 години без „свежи“ податоци за структурата на населението во земјава, во среда во Македонска филхармонија во Скопје ќе бидат презентирани најновите бројки собрани за време на пописот на населението и домаќинствата, што беше спроведен во периодот од 5 септември до 30 септември минатата година.



Настанот на кој ќе бидат презентирани резултатите од пописот, како што информираа попладнево од Државниот завод за статистика, е поделен во два дела: Во првиот дел, со почеток од 11 часот, ќе бидат доделени благодарници на институциите кои придонеле за успешното спроведување на „Попис 2021“, а во вториот дел, со почеток во 12 часот, ќе бидат објавени податоците.

На презентацијата ќе се обратат директорот на ДЗС, Апостол Симовски, заменик-директорот, Илми Селами и меѓународниот експерт од Словенија, Данило Доленц. Се очекува присуство на премиерот Димитар Ковачевски, на членови на Владата, на претставници на дипломатскиот кор во Северна Македонија, претставници на агенции, институции и организации, како и делегации на статистичките заводи и институти од регионот и пошироко, велат од ДЗС.