„Ако Македонија не добие датум за почеток на преговорите ниту во јуни, тогаш Македонија и другите земји од Западниот Балкан може да бидат турнати во прегратките на Кина и Русија. Ќе биде успорен развојот на државата, ќе се зголеми песимизмот на граѓаните и ќе се зголеми уште повеќе егзодусот на младите.“ – оценува информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата анализа со наслов „Какви би биле последиците, ако Македонија не добие датум и на јунскиот самит?“
„Журнал“ пишува: „Членството во Европската Унија не е само желба, туку неопходна потреба, бидејќи тоа влијае врз создавање економска и политичка стабилност. Но, шансите да се добие датум за почеток на преговорите се многу мали, да не кажеме и оти воопшто нема надеж за тоа. Ова се дозна од изјавата на премиерот Ковачевски за време на неговиот престој во Брисел на Самитот на НАТО, кога тој кажа дека никогаш не го спомнал јуни и оти не се поврзува со датуми.“
„Ова е доказ дека јунскиот самит ќе помине како и многу други претходни средби на врвот без позитивни промени во однос на Македонија, за кои е потребно да се добие датум за почеток на преговорите. Неуспехот на Македонија и другите земји од Западен Балкан да се зачленат во ЕУ може да го турне Балканот во прегратките на други играчи како Кина и Русија. Кина и Русија ќе ги засилат своите напори за пополнување на празнините во овој регион.“
„Сериозно загрижува порастот на евроскептицизмот во Македонија. Истражувањата покажуваат дека во Македонија е зголемено руското и кинеското влијание. Ако Македонија не добие датум за почеток на преговорите, другите последици ќе се појават особено во економската сфера, забавувајќи го развојот на државата и зголемувајќи го песимизмот кај граѓаните. Со тоа уште повеќе ќе се зголеми заминувањето-егзодусот на младите, кои на тој начин ќе го надминуваат својот очај поради долгите чекања на промена тешката ситуација.“
„Во ова време на глобална криза и на стремеж да се донесе мир во Украина по руската инвазија одложувањето на датумот за Македонија да ги почне преговорите со ЕУ претставува негативен сигнал за земјите од Западен Балкан. Со тоа се дозволува целиот регион да остане необединет и загрозен од ширењето на странските влијанија.“ – заклучува „Журнал“ во својата анализа.





