Бојаџи: „Следи финалето: бришење на Македонците како конститутивен народ, федерализација и поделба на ‘северна“

„Ако е сосема јасно каде припаѓаме, на кој дел од светот сме ставени во новата поделба, редно е да видиме и што ќе правиме таму? Или, што ќе ни се прави таму?! Ќе продолжи демонтирањето на некогашната држава Република Македонија од држава на мнозинството што се дефинира како Македонци. Проектот ‘Македонија – Швајцарија на Балканот’ се реализира со целата негова суштина, поставена уште меѓу двете светски војни од фашистичкиот ум на Иван Михајлов, а спонзорирана од тогаш фашистичката Германија и нејзините фашистички сатели Бугарија, Грција и Албанија.“ – вели режисерот и универзитетски професор Јани Бојаџи во својата колумна со наслов „Борба со болката што нѐ боли“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Бојаџи пишува: „Тој концепт се расплетува и води кон големото финале – бришењето на Македонците како конститутивен народ, кон федерализација и поделба на републиката, сега веќе ‘северна’. Сега за сега сите елементи се тука, големиот спонзор Германија продолжува да ги плаќа сметките на извршителите и конечно сме пред моментот кога ќе ни кажат од Берлин: ‘Тоа е, земете или оставете!’ Најавите дојдоа од подолните ешалони. Очекувајте како што ќе одиме кон јуни да се крева нивото на германски политичари што ќе го отворат целиот пакет. А што треба да земеме од тоа пакетче?“

„Тоа сѐ уште никој не сака да го каже, барем не јавно и недвосмислено, но сосема е јасно дека се работи за укинување на Македонците и создавање нова нација северномакедонци. Погледнете го новоговорот на Американците: ниту еднаш, за ништо и во никоја пригода не се употребија зборовите Македонци, македонско, македонски. Не вртете ја главата на другата страна, релативизирајќи го фактот дека со договорот од Преспа не постојат повеќе Македонци, а именката Македонија е избришана од јавниот простор.“

„Гледате ли некаде да пишува Македонија, официјално или неофицијално? Забранета е и не се употребува и во новоговорот на сите политичари од владејачкото мнозинство, од никого и за ништо на светот. Дури ни за да честитаат победа на фудбалска репрезентација.“

„Тоа е комуњарската квазиелита, сега предводена од македонскиот Зеленски, Ковачевски, тој е ковачот, што треба да го закова ковчегот со девет алки железни, во кој ќе бидат положени мртвата Македонија и идејата за неа како држава на Македонците, дури и барем како држава и за Македонците. Така си е тоа, тие ќе бидат извршителите и конечното решение за бришење на Македонија и Македонците ќе ни се случува пред очи. Како ќе го извршат тоа? Веќе Албанија веќе се одвојувала од нас и сама ќе одела во Европа.“

„А ние ќе останеме тука, да нѐ изедат Русија или можеби Белорусија. И овој пат, Русија ќе биде алатката за страв од војна. Нема ништо подобро за продавање од страв. Што да се прави? Станете и борете се. Болката за татковината секогаш болела. Борбата за татковината повредува.“ – нагласува Јани Бојаџи во својата колумна, покрај другото.

Интернет-врска до целата колумна:



https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/borba-so-bolkata-shto-n%d1%90-boli/