Американскиот државен секретар Ентони Блинкен демантираше дека САД имаат некакви планови за промена на режимот во Русија или на кое било друго место, јавува Би-Би-Си.
Изјавата на Блинкон доаѓа еден ден откако претседателот Џо Бајден рече дека на неговиот руски колега Владимир Путин не треба да му се дозволи да остане на власт.
„По ѓаволите, овој човек не смее да остане на власт“.
Ова го изјави Џо Бајден на крајот од својот говор за време на посетата на Полска.
Блинкен рече дека претседателот едноставно укажал дека на Путин не може да му се дозволи да води војна против Украина.
Кремљ ја отфрли забелешката на Бајден, велејќи дека Русите мора сами да изберат свој лидер.
„Мислам дека претседателот, Белата куќа, јасно стави до знаење дека претседателот Путин едноставно не може да биде овластен да води војна или да се вклучи во агресија против Украина или некој друг“, рече Ентони Блинкон денес за време на посетата на Израел.
Како што знаете, и како што многупати не слушнавте да кажеме, немаме стратегија за промена на режимот во Русија или на кое било друго место. Во овој случај, како и во секој случај, тоа зависи од народот на земјата за која станува збор, од рускиот народ“, додаде тој.







