Швајцарската осигурителна компанија „Цирих иншуренс“ престана да го користи логото со една буква „Z“ на социјалните мрежи за да избегне „погрешно толкување“ на знакот, објави британскиот весник „Телеграф“.
„Привремено престануваме да ја користиме буквата ‘Z’ во нашите социјални канали во случаи кога таа е прикажана посебно и може да биде погрешно протолкувана. Внимателно ја следиме ситуацијата и ќе преземеме дополнителни активности доколку е потребно“, изјавија од компанијата за весникот.
Логото на компанијата е бела буква „Z“ на сина заднина и се користи, меѓу другото, и на веб-страницата на осигурителот. Среде актуелната воена интервенција на Русија во Украина тоа потсетува на ознаката на воените возила на руската армија.
Компанијата има 56 илјади вработени, обезбедува услуги за поединци, мали и средни бизниси, мултинационални корпорации, а нејзините активности опфаќаат повеќе од 210 земји и територии.






