„Додека фудбалските впечатоци и натаму не стивнуваат, оваа нација уште еднаш е исправена пред дилемата како може на спортските терени да се постигнуваат толку големи победи против врвните светски велесили, а истовремено на меѓународната политичка сцена да се поразуваме самите себеси со прифаќање на соседските притисоци и ултиматуми, кои се во целосна спротивност и со меѓународното право.“ – вели Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Спортските триумфи како модел и за политички победи“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
„Македонските фудбалери им одржаа лекција и на политичарите“
Таневски пишува: „Големата победа на македонската фудбалска репрезентација над Италија во Палермо, во рамките на бараж-натпреварот за пласман на Светското првенство во Катар, предизвика масовна еуфорија во земјава, потврдувајќи уште еднаш дека нема недостижни цели кога се работи мудро, посветено, храбро и пожртвувано. Македонија повторно за миг се искачи на врвот на светот и докажа дека е способна да потчини и еден светски гигант и повеќекратен светски првак во фудбал, како што е Италија. И ова не е првпат да се вивнеме во светските спортски височини. Македонија има поразено и други светски величини во разни спортови.“
„Додека фудбалските впечатоци и натаму не стивнуваат, оваа нација уште еднаш е исправена пред дилемата како може на спортските терени да постигнува толку важни победи против врвните светски велесили, а истовремено на меѓународната политичка сцена да се поразува самата себе. Сè уште се свежи сеќавањата и горчливиот вкус по потпишувањето на Преспанската спогодба, кога заради некакви наводни повисоки цели земјата без борба се откажа од вековното име и прифати географска одредница.“
„ Тој пораз како да ги поништи сите претходни победи на меѓународен план и на дипломатско поле, бидејќи не смее да се заборави дека Македонија претходно беше признаена под своето уставно име од над 140 држави во светот, меѓу кои и од трите најголеми светски сили, САД, Русија и Кина, како членки на Советот за безбедност на ОН. Таков политички автогол на себепогазување, прифаќање на грчкиот ултиматум, кој е спротивен и на меѓународното право, и потоа наше преименување, остави длабоки лузни во македонското општество и меѓу граѓаните.“
„Горчината на можен сличен пораз, со истите методи на притисоци и уцени и спротивно на меѓународното право, веќе почна да се насетува и сега во преговорите со Бугарија, кога повторно заради ветување за некаква волја за почнување на пристапните преговори со Европската Унија се бара од македонскиот народ уште еднаш да се самопорази, откажувајќи се од својот идентитет, јазик, историја и култура. Тоа е крајната цел на уцените и притисоците, што доаѓаат од Софија.“
„Од каде овие контрасти, од една страна врвни светски успеси на Македонија, пред кои ни се поклонува целиот свет, и од друга страна болни примери на политичко самопоразување со потклекнување под туѓите притисоци? Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета: ‘Избираме погрешни играчи на политички план, погрешни лидери, погрешни претставници и тогаш нормално е да не можеш да очекуваш резултати и постојано да се соочуваш со порази.“ – нагласува Сашо Таневски во својата анализа, покрај другото.
Интернет-врска до целата анализа:





