Русија потврди над 1.300 свои жртви во Украина, проценувајќи 14.000 на спротивната страна

Министерството за одбрана на Руската Федерација објави дека во воената интервенција во Украина досега изгубила над 1.300 свои војници, истовремено проценувајќи десеткратно повеќе жртви на спротивната страна.



„За жал, за време на специјалната воена операција имаше загуби меѓу нашите соборци. Досега загинаа 1.351 војник, а 3.825 се повредени“, изјави заменик-началникот на рускиот Генералштаб, генерал-полковник Сергеј Рудској, на брифинг за медиумите.

Според неговите проценки, во првите 30 дена од руските напади се убиени околу 14.000 украински војници, а уште 16.000 се повредени.

Официјалните податоци за жртвите што ги дава руската војска драстично се разликуваат од проценките на украинската страна. Според последните тврдења на Киев, околу 16.000 руски војници се убиени во конфликтот. За сопствените загуби, пак, најновата бројка ја објави претседателот Владимир Зеленски во средината на март, кога рече дека околу 1.300 украински војници загинале во борбите.