Голманот на фудбалската репрезентација на Македонија, Столе Димитриевски, даде одговор на прашањето што си го поставуваа Македонците по промената на името на нивната татковина Република Македонија наспроти волјата на две третини од избирачите. Како ли да се бориме против неприродниот израсток „Северна“ до името на матичната држава на македонскиот народ, се прашуваа многумина, а Столе им одговори преку две објави на Твитер.
Во првата, со која го најави баражот со Италија за Светското фудбалско првенство во Катар, чуварот на македонската мрежа јасно стави на знаење за кого ќе „гинат“ во Палермо, пишувајќи ја Македонија со неколкукратно поголеми букви од домаќинот. По гигантскиот триумф над актуелниот европски шампион, пак, Димитриевски твитна: „Без зборови! Македонија“.
Голема работа, ќе рече некој. Тоа се само симболични гестови, без конкретно, обврзувачко дејство. Е па, не ќе да е баш така!
Избегнувањето на омразената географска одредница кај огромниот број Македонци од нивни миленик е многу повеќе од само симболика. Исто како одбивањето на Фудбалската федерација на Македонија да си го смени името под притисок на експремиерот Зоран Заев. Или како опстојувањето на македонската куќа на фудбалот на акронимот ФФМ на дресовите на репрезентативците на ланското Европско првенство, наспроти протестите од фудбалскиот сојуз на јужниот сосед.
Одбивањето да се користи наметнатиот додаток на државното име спротивно на волјата на македонските гласачи на пропаднатиот референдум од пред четири години е првиот чекор кон враќањето на исконскиот ориентир на Македонците, кога и да се случи тој неминовен чекор. Неминовен зошто ниту еден народ на планетава не трпи натурени решенија, колку и да изгледа невозможна мисија борбата против нив и исправањето на историската неправда. Примерите со враќањето на името на државата по волја на мнозинството во африканските колонии недвосмислено го потврдуваат тоа.
Не, нема да биде лесно. Далеку од тоа. Посебно ако се има предвид кој сè вршеше притисок и замижа пред флагрантната злоупотреба на одметнатите пратеници од опозицијата при насилната промена на Уставот заради измена на уставното име. Под тој притисок потклекнаа некои што си го тетовираа македонското знаме до срцето, за потоа да им сошијат „Северна“ на дресовите на кошаркарските репрезентативци, но не и фудбалските херои.
Долг, трнлив, истоштувачки и полн со опасности е патот што мора да се помине. Нема да му се допадне секому ни тука, ни надвор. Но, ако целта е праведна, а македонската е и повеќе од тоа, нема таа сила што ќе го оневозможи нејзиното остварување, колку и да се чини тоа нереално во моментот.
Ништо не е вечно, па ни распоредот на силите. Македонските фудбалери се најдобриот доказ за тоа. По четирикратниот светски шампион Германија, ѝ го зедоа скалпот и на исто толку пати планетарниот првак Италија, исто така на гости.
Оттука и сласта на историските подвизи на фудбалскиот терен како патоказ дека и Давид може да го кутне на плеќи Голијат. И показ за (избраниците на) овој народ дека со упорност, со верба во себе и со добра стратегија ова парче земја кога-тогаш пак ќе се вика (Република) Македонија. Не само во срцата на Македонците и на другите лојални македонски државјани, каде и да се.






