Колемишевски: „Условувањата за создавање вештачки народ ‘македонски Бугари’ е стратегија за долгорочно разбивање на Македонија“

„Се настојува да се створи нова досега непозната, етничка заедница во Македонија. Политичкиот инженеринг преку создавањето нов вештачки етнички идентитет на Балканот со име ‘македонски Бугари’ ја менува етничката карта на полуостровот и предизвикува повеќе неизвесност одошто сигурна иднина. Ќе се постави и прашањето: дали новата националност ќе биде признаена и запишана во Уставот на с. Македонија како што бараат бугарските официјални власти? Таква нација ќе постои само кај нас и никаде во светот.“ – вели Панде Колемишевски во својата колумна со наслов „Цеца, Лепа Брена и меѓусоседските односи“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



„Заедничките работни групи меѓу заблудите и реалноста“

Колемишевски пишува: „Постои поговорка, која вели: ‘Ако сакаш некој проблем да не се реши, тогаш формирај некаква комисија.’ Решение на проблемот ќе се бара во недоглед со прогноза дека нема да биде најден никогаш. Така некако би можело да се разбере и функционирањето на работните групи на македонската и бугарската влада, формирани по доаѓањето на двете нови влади, предводени од Кирил Петков во Бугарија и од Димитар Ковачевски во Македонија.“

„Да ја земеме работната група за инфраструктура, транспорт и поврзување. Во фокусот на нејзиното внимание е и авиоврската Скопје – Софија. Човек да се чуди зошто толкави сликања и прегратки, министерски средби, зошто толку меѓудржавни договори за нешто што е најнормално во светот, а и во Македонија. Дојде во Скопје ‘Туркиш ерлајнз’, даде пари колку што му побараа, даде рушвет кому требаше да му даде и го купи аеродромот. Или го концесионира, сеедно. Не дојде Ердоган, ниту дојдоа министри, ниту решаваше некаква работна група. Дојде ‘Визер’, нискобуџетната авиокомпанија од Унгарија, плати колку треба, му даде некому мито колку што се договорија и Македонија се поврза со Европа и светот.“

„Низ работната група за образованието, културата, историјата, науката, за учебниците, младите и туризмот ќе се кршат копјата, а можеби и кичмите. Таа група ќе биде на голем испит, тука лежат темите, што го потпалуваат и разгоруваат огнот. Основниот проблем е во тоа што Бугарите не го признаваат постоењето на македонскиот народ, на македонскиот јазик и неговото писмо, како и на македонската историја. Нивните негирања, планови, стратегии и посакувани цели се цврсти и непоколебливи. Не може да си дозволат да прифатат дека некоја книга е напишана на македонски јазик, дека некоја претстава, серија, или оти филм се игра на македонски јазик.“

„Најновите условувања со вештачко создавање посебен народ (нација) со име ‘македонски Бугари’ и нивно вклучување во Уставот на с.Македонија се дел од стратегијата за долгорочно разбивање на државата Македонија. Работните групи се само експериментални глувци, кои се држат во лабораторијата и на кои секојдневно им се инјектираат препарати, за да преживеат.“ – заклучува Панде Колемишевски во својата колумна.

Интернет-врска до целата колумна:

https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/ceca-lepa-brena-i-megjusosedskite-odnosi/