Во луд натпревар, во кој Португалија одигра перфектно прво и скромно второ полувреме, успеа да слави против Турција со 2-1 (2-0) и ќе игра финале на баражот за пласман на Светското првенство во Катар.
Иако сите очекуваа дуел со Италија, на мегдан на Роналдо, Жоао Феликс, Жота и другарите во вторник ќе им излезат македонските ѕвезди. Селекторот Фернандо Сантош сепак смета дека македонскиот национален тим ќе донесе потежок дуел за неговата селекција.
„Првиот натпревар го победивме, а сега мора да славиме на следниот. Дуелот против Македонија ќе биде многу комплициран. Финалињата секогаш се необични и компликувани. Со Македонија ќе биде уште потешко и покомпликувано отколку вечерва“, рече на прес-конференцијата Фернандо Сантош.
Португалија се соочи со проблеми во квалификациите во двата натпревари против Србија и петте загубени бода во двомечот со „орлите“ не им дозволија да играат на Светското првенство во Катар.





