Обвинителката Ивана Трајчева попладнево продолжи да чита нови пораки, но од друг телефон, на рочиштето за случајот „Софтвери“ во кој се обвинети поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски и шест други лица, каде што тој се гони за злоупотреби при учество на тендери за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци и за биометриска идентификација.
Меѓу последните пораки што ги читаше обвинителката беа оние од телефонот на обвинетата Ирена Ивановска, преку апликацијата Вибер. И во нејзиниот телефон Рашковски бил запишан како „Перо 078“, а пораките што ги читаше Трајчева се во група во која се Ивановска, Рашковски и Даниел Станчев од „Инвока груп“, фирмата преку која е набавен софтверот за сообраќајни прекршоци. На почетокот на нивната комуникација, според презентираните пораки, обвинетиот Станчев пишува информација дека имало три понуди на тендерот и сите биле по „7 м.“ Покрај „Инвока“, другите две биле од фирмите „Лирекс“ и „Кинг“.
Понатаму, во пораките тие прашуваат кога е аукцијата, односно наддавањето, па зборувајќи на темата „Перо 078“ односно Рашковски им пишува на Станчев и Ивановска: „Гледајте да утнете и да се убијам“.
На 31 декември 2019 година, пак, тој им вели „аукцијата за сообраќајното ќе биде на 2 јануари”, како и дека „Инвока“ има 95 бода, „Лирекс“ – 90, а „Кинг“ – 85.
Тие, според тоа што го презентираше Обвинителството, пишуваат и на денот на аукцијата, па така Рашковски прашува дали се спремни, а Ивановска му одговара: „Да. Почнуваме во 10:30“.
Станчев, пак, во една од пораките вели „професорот им е бекап за наддавањето“ и оти му дале корисничко име.
Според пораките што ги читаше Трајчева, може да се заклучи дека понатаму во дел од нив тие даваат информации колку се симнала цената, а Рашковски во една им пишува: „Терајте. До 4“.
Меѓу последните пораки што се испраќаат во групата, односно кои ги прочита обвинителката е и таа во која обвинетата Ивановска пишува дека стигнале до 4 235 м. и завршиле.





