Села: „Ќе се ангажираме за целосна рамноправност на Албанците – измени во Уставот заради официјалноста на албанскиот јазик“

„Претседателот на Алијансата за Албанците Зијадин Села во емисијата ‘Патот кон…’ на ТВ Алсат рече дека тој и неговата политичка партија ќе продолжат да се ангажираат за целосна рамноправност на Албанците. Села дури подвлече дека ќе се залагаат за уставни измени, за да се нагласи еднаш засекогаш во Уставот дека албанскиот е официјален јазик.“ – објави ТВ Алсат.

На својот интернет-портал ТВ Алсат ги цитираше зборовите на Села кажани во емисијата ‘Патот кон…’ во овој контекст: „Продолжуваме да опстојуваме на идејата за целосна рамноправност на Албанците во с.Македонија. Не можеме да кажеме дека е се во ред се додека не третираат како бројки и тоа привремени. Уставните измени, главниот дел на тие уставни измени треба да се отстрани дефиницијата за употребата на албанскиот јазик и да се нагласи дека албанскиот е официјален јазик, за да не се отвораат расправи какви што слушаме секој ден. Никогаш не го променивме мислењето во врска со ова, што го докажавме кога беа направени уставните измени. . Ние сме единствената политичка партија, која успеа со уставните измени за Преспанскиот договор да промени нешто друго од она што беше предвидено со Преспанскиот договор, првата реченица од преамбулата.“

Инаку, лидерот на Алијансата на Албанците Села во јавно партиско истапување на 18 март 2017 година ја изнесе истата заложба во врска со рамноправноста на Албанците во Македонија кога рече: „Ние во ниту еден момент нема да се откажеме од бинационална држава. Или целосна рамноправност меѓу Албанците и Македонците, или ние, Албанците тука сите заедно ќе формирање федерација.“