„Кому му се упатени пораките од високите претставници на ЕУ дека Македонија треба да почне преговори со Унијата? Кон нас, кон земјите од регионот, можеби кон Русија, или високите претставници на ЕУ си ги упатуваат сами на себе, за некаква ‘внатрешна употреба’?!“ – прашува Јасминка Павловска во својата анализа со наслов „Искреност, цинизам или доза балканизам кај еврофункционерите“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Павловска пишува: „По толку долго време, македонската јавност е далеку од наивна и знае дека Унијата е и алфа и омега за одлуката за почеток на преговорите за евроинтеграции. Тогаш, зошто толкаво количество цинизам, па и презрив однос содржани во препораките на високите претставници на ЕУ?! Препораки се непотребни, ако знаат, како што сами кажуваат, дека Македонија заслужила почеток на преговори. Ако се уверени во тоа, треба да дејствуваат наместо да препорачуваат. Затоа што од нив сѐ зависи…“
„Високите претставници на ЕУ продолжуваат со пораките за поддршка“
„Пораките со поддршка за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, давани сѐ почесто од страна на високи претставници на ЕУ, ја наведоа македонската јавност да ја постави дијагнозата со која се ‘заразени’ токму тие европратеници – евроцинизам! Македонската јавност е доволно свесна дека ‘вистинскиот почеток на македонските евроинтеграции зависи токму од волјата на институциите на ЕУ, чии претставници упатуваат пораки за поддршка’, а не од некој друг! Јавноста со право се прашува: кому му се наменети тие пораки на евробирократите дека ние заслужуваме почеток на преговори?“
„Нам, на регионот или, можеби, на Русија? Ако се наменети за ‘внатрешна употреба во ЕУ’, тогаш таквите препораки воопшто и не се потребни, туку само треба да се стави во функција волјата на еврофункционерите да почне процесот на преговори за интеграција. Бидејќи тие што даваат позитивни препораки, токму тие и одлучуваат.“
„Повеќеслојност во пораките на високите претставници на ЕУ?!“
„Сепак, и по сите пофалби и пораки за поддршка од повеќе ЕУ-адреси, Бугарија ја одржува неизвесноста за првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ, што би значело почеток на преговорите. ЕУ ‘тивко’ ја турка Македонија и натаму во некаков напореден процес на ‘претпреговори’ со Бугарија, и покрај сознанијата за некоректноста на бугарските услови од „етничко-лингвистички карактер“, целосно спротивни на принципите на ЕУ и критериумите за проширување. Од таквиот контекст на релациите, произлегува дилемата: кому, всушност, европретставниците му ги упатуваат пораките за посветеност на ‘заедничката европска иднина’?“
Интернет-врска до целата анализа:





