Давитковски: „Политичарите трошат многу време и пари и безделничат, без отчет колку го зголемиле имотот – народот ја плаќа цената“

„Бенефициите од занимавањето со политика се огромни и тука треба да се бараат причините зошто луѓето сакаат да се занимаваат со политика. Високите пратенички плати и патни трошоци, пратеничкиот имунитет, апанажата по завршувањето на мандатот, доживотните претседателски пензии, вечните бизниси на градоначалниците се само мал дел од придобивките што ги носи политичката функција. Затоа, не треба да зачудува зошто сите сакаат да влезат во политиката и да се збогатат.“ – вели Сашо Танески во својата анализа со наслов „Голтар, па цар, од политиката е дар?!“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

„Бенефициите што ги носи јавната функција повторно на тапет“

Танески пишува: „Голем број македонски политичари, кои за овие три децении самостојност на државата продефилираа низ институциите, покажаа дека, освен привилегиите што им ги даде функцијата и личните бенефиции што ги ползуваа, не оставија никаков печат зад себе, што се однесува на доброто на граѓаните, кои ги избирале или на државата, што им овозможила да бидат носители на јавната функција. Многумина од нив се впуштија во политичките води, за да работат за сопствениот и партискиот интерес, а најмалку за интересот на државата и на граѓаните.

„Повеќето од нив напуштија звучни професии, како професор, доктор, бизнисмен, за да дојдат до некое пратеничко, министерско или, пак, градоначалничко место. Тоа укажува на примамливоста на политичката функција и желбата да се дојде до власт и моќ по секоја цена. Оние што и без политиката биле претходно добро ситуирани гледаат како од позиција на моќ можат уште подобро да ги позиционираат и да ги прошират сопствените бизниси, а со тоа и да го удвојат, или и да го утројат своето богатство.“

„Неопходен е закон за потекло на имот, со што ќе можеме да видиме кој колкав имот има и како го стекнал. Ќе се бориме да се знае како секој политичар го стекнал имотот.’ – вели Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување корупција.“

Универзитетскиот професор Борче Давитковски нагласува дека кај нас политичката функција се сфаќа само како можност за лично богатење. ‘Ако се направи некоја анализа за овие 30 години од составот на првиот парламент и првата влада досега, ќе се види колку пратеници и функционери дошле од другите градови и за време на мандатот тука купиле станови, дуќани, развиле бизниси… Сите пратеници и министри имаат по два-три стана во Скопје. Кој дојде тука, купи стан.’ – нагласува тој. Неговото мислење е дека политичарите безделничат и се однесуваат неодговорно, за што цената ја плаќа народот. ‘Многу пари се потрошија на безделничење и глупости, наместо да ја направиме Македонија пристојна држава за живеење.’ – заклучува Давитковски.“

Интернет-врска до целата анализа:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/goltar-pa-car-od-politikata-e-dar/