„Фактор.мк“: „Данок на санкциите кон Русија: како ќе се прехрани населението? – дали Србија ќе може и ќе сака да ни помогне?“

„Воената криза во Украина, се поочигледната поделба на континентот и санкциите за Русија од речиси сите европски земји го земаат данокот. Поскапи горива, крајно поскап природен гас од Русија, поскапа струја, зејтин од сончоглед нема, а брашното и пченката имаат се повисоки цени. Земјоделците се пред големи искушенија кај нас, во целиот регион, а и во цела Европа. Сите влади со маки обезбедуваат некакви стимулации за земјоделците, за да продолжат да ги хранат своите нации.“ – објави информативниот портал „Фактор“ во анализата со наслов „Вештачкото ѓубриво станува луксуз! Досега поскапе 300 отсто – како ќе се прехраниме?“

„Фактор“ пишува: „Во Македонија земјоделското производство, особено она на житарките, станува тешко поднесливо за земјоделците. Вештачките ѓубрива во последнава сезона поради галопирачките цени на природниот гас во малопродавната мрежа поскапеа до 300 отсто. Една вреќа ѓубриво уреа се продаваше за 600 денари, а на последната есенска сеидба нејзината цена достигна 1.500 денари.“

“Постојано расте и цената на нафтата, која е неопходна на земјоделците. Пред претстојната пролетна сеидба, во која во Македонија се сее само оризот од житните култури, вештачкото ѓубриво сега се продава по цена од 30 евра за вреќа. Лани пред сеидбата чинеше околу 500 денари.“

„Состојбата со производство на храна во Македонија веќе станува сложена со особено силно негативно влијание на увозната состојка. Увезуваме готова храна, но и расаден и семенски материјал и вештачко ѓубриво, затоа што велешката азотарница одамна е само споменик на едно минато и просперитетно време, во кое Македонија имаше заокружен земјоделски циклус на производство на се освен трактори.“

„Министерот за земјоделство Љупчо Николовски соопшти дека е договорено преку планираната Програма за интервентен фонд,да се обезбеди финансиска поддршка за производителите на житни култури, односно за надополнување на разликата на цените за ѓубриво и на останатите репроматеријали, за да се анулираат зголемените трошоци за ѓубрива, и земјоделците да имаат исплатливо производство во овие услови на зголемени цени на репроматеријалите.“

„За оваа намена преку интервентниот фонд, кој за прв пат се воведува годинава, се планирани околу 120 милиони денари. Тие ќе бидат наменети за субвенционирање на трошоците за ѓубрива. Поради регистрираниот пораст на цените на вештачките ѓубрива планирана е поддршка од 2.500 денари по хектар за направен трошок за набавени вештачки ѓубриња и тоа во количество најмалку од 200 килограми по хектар.“

„Не не очекува ништо добро. Но, колку е лошо тоа што допрва доаѓа кај нас, пред се, ќе зависи од состојбата на српскиот пазар и од политичката волја на тамошниот естаблишмент, кој ќе се бира за нецели две семици. Затоа што Србија е најголем извозник на жито, пченка, сточна храна, вештачко ѓубриво, зејтин и свинско месо во Македонија. Најголеми фактори за цените на житарките, вештачкото ѓубриво и горивото се Русија и Украина. Русија е под целосни санкции од богатата Европа, на кои им се приклучи и Македонија, по ‘силата на околностите“.

Интернет-врска до целата анализа:



https://faktor.mk/veshtachkoto-gjubrivo-stanuva-luksuz-dosega-poskape-300-otsto-kako-kje-se-prehranime