„Ситуацијата во Украина повторно ги врати сеќавањата на стравотиите од војната кај голем број жители на балканските држави, кои низ историјата многу често се наоѓале во позиција да ги почувствуваат одблизу, и тоа најчесто на своја територија. Не случајно, меѓународните геополитички аналитичари со прст покажуваат кон овој дел на светот како потенцијално, следно жариште на избивање воен конфликт.“ – вели весникот “Нова Македонија“ во редакциската анализа со наслов „Концентричните кругови на воената психоза го зафатија Балканот“.
„Во немирни времиња се шири бргу немирот поради можна војна“
„Нова Македонија“ пишува: „Овој регион, според многумина од меѓународните геополитички аналитичари се наоѓа во состојба на некаков ‘замрзнат конфликт’, што се должи на внатрешните етнички поделби и на преклопувањето на интересите на големите сили, кои го држат балканскиот простор како залог за расчистување на сметките на големите суперсили, во исцртувањето на новите територии на влијание. Како поткрепа на ваквите укажувања жителите на регионот го сфатија и неодамнешното именување од страна на Германија на својот специјален пратеник за Западен Балкан, Мануел Зарацин.“
„Со тоа, по Европската Унија, Велика Британија и САД, во специјалната мисија за Балканот се вклучува и германската влада. Официјалната задача на германскиот посредник, како што објасни шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок, е со големата светска четворка да дејствува на создавањето силен, стабилен и на мир заснован Западен Балкан, каде што сѐ уште постојат отворени прашања за дијалогот Белград и Приштина, за стабилноста на БиХ, како и за ‘спречување на негативното влијание на Русија на овој регион’. Со слична мисија беше назначен и европскиот посредник во дијалогот меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак. Од Англија за специјален пратеник за Западен Балкан е назначен Стјуарт Пич, а од САД Габриел Ескобар.“
„Како да не беше доволно ова ‘ненадејно’ засилено интересирање на големите сили за регионов, од Сараево во пошироката јавност беа испратени фотографии што заплашуваат, без разлика што се и тие се толкуваат со некаква мировна мисија. Авионите што го пронижуваат небото, проследени со татнежот и чкрипењето на гасениците на оклопните возила и зголемениот број војници по улиците, си го направија своето. Луѓето повторно ја почувствуваа воената психоза, за која мислеа дека нема да се повтори. Повод за ваквото размислување беше распоредувањето на новиот контингент на ЕУФОР во БиХ, проследено со тренажни летови на млазни авиони, по барање на Франција.“
„Аналитичарите веруваат дека медиумската пропаганда, која го достигна својот историски максимум во конфликтот на Русија и на Украина, може да предизвика дополнителна дестабилизација и на просторот на Западниот Балкан. Се чини дека воената психоза од Украина се шири во концентрични кругови и зафаќа сѐ поголема површина. Балканот, како регион подложен на влијанија од секаков вид, се покажува како крајно неотпорен, особено на пропагандно дејствување.“
Интернет-врска до целата анализа:





