Путин бара ЕУ во рубљи да плаќа за рускиот гас

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека ќе бара само руска валута за испорака на гас за „непријателските земји“ како што се членките на ЕУ и САД.



„Нема смисла да ја испорачуваме нашата стока до Европската унија и САД и да примаме плаќања во долари, евра и други валути. Затоа решив да воведам сет мерки за промена на плаќањето што е можно поскоро – почнувајќи од нашите природен гас – за испорака во таканаречените непријателски земји, во руски рубљи. Тоа значи дека ќе одбиеме да користиме компромитирани валути при таквите трансфери“, изјави Владимир Путин, цитиран од прорежимските РИА Новости.

Путин додаде дека испораките на гас ќе продолжат во согласност со количините и цените наведени во договорите, додавајќи дека „соодветната директива ќе биде испратена до Гаспром“, рускиот енергетски гигант.

Лондонски „Гардијан“ пишува дека ова е потег со цел да се спаси рубљата, руската валута, чија вредност драстично опадна откако Путин ја започна инвазијата на Украина.

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека предлозите за сегашното ембарго за увоз на руска енергија ќе бидат отфрлени бидејќи неговото влијание врз Европа „би било многу деструктивно и штетно“.

Тој рече дека Германија е во процес на осамостојување од руските енергетски извори, но дека ако се направи одеднаш, тоа ќе ја турне Германија и цела Европа во рецесија, дека целата индустрија ќе биде на работ на колапс и дека постоечките антируски санкции веќе ги погодуваат германските граѓани.