Има политичка волја во Софија и Скопје, но сѐ уште не може да се вети дека преговорите со Македонија ќе започнат за време на француското претседателство, изјави денеска францускиот државен секретар за европски прашања, Клеман Бон, пренесува Радио Слободна Европа.
Бон ова го изјавил на прес по Советот за општи работи на ЕУ во Брисел.
- За изјавата на шефот на македонската дипломатија, бујар Османи, дека двете страни напредуваат во билатералните преговори, Бон рече дека има позитивни сигнали, но нема доволно основа за да каже дека ќе отпочне процесот.
„Бев во Бугарија по новата влада, разменив неодамна со бугарските власти и премиерот Петков, има сериозен ангажман и во Скопје и во Софија за да се најде решение за спорот, но не можам да прејудицирам, можам само да ги потврдам позитивните сигнали.
Ако има резултат од тие сигнали, тогаш француското претседателство ќе го отпочне процесот, но во овој миг нема доволно потпора да се каже дека ќе отпочнеме“, изјави Бон.
Според францускиот државен секретар, Бугарија е единствената која се противи на ова.






