На 11 април годинава ќе се одржи првото судско рочиште за случајот „Поштенска банка“, откако Кривичниот суд во Скопје лани во ноември соопшти дека обвинението за предметот што го отвори СЈО е одобрено во целост. Обвинети се девет лица, кои се товарат за кривичните дела Злоупотреба на службената положба и овластувања и Перење пари. Меѓу обвинетите се поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски, бизнисменот Томе Главчев, како и поранешниот директор на Поштенска банка Коле Смилевски и Влатко, синот на Ратко Димитровски.
Во судскиот процес Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ќе се обиде да докаже дека во процесот на трансформација на некогашната Поштенска штедилница во банка, со низа банкарски трансакции и договори со деловни субјекти, обвинетите сториле две сериозни кривични дела – Злоупотреба на службена должност и овластување според членот 353 од Кривичниот законик (кај Димитровски квалификацијата е продолжено кривично дело) и Перење пари според член 273 од КЗ.
Процесот на трансформација на Поштенската штедилница (каде акционер е и државата преку Македонски пошти), се одвива од 2001 до 2004 година и е проследен со контроверзи во јавноста, како и со сериозно внимание на Народната банка на Република Македонија. НБРМ се посомневала дека имало прекршувања на законот и заедно со Одделението за економски криминал на СВР Скопје, поднела кривична пријава против повеќе лица, меѓу кои и против спомнатите Смилевски, Главчев и Димитровски. Но, на 6 јуни 2005 година, Основното јавно обвинителство со решение ги отфрла кривичните пријави и констатира дека во дејствијата што ги презеле пријавените не се содржани елементи на кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување, ниту пак елементи на било кое друго кривично дело кое се гони по службена должност, туку во конкретниот случај станува збор за прекршок според член 119 од Законот за банките, при што настапила застареност за гонење на прекршокот. Апсолутната застареност за прекршочно гонење настапила во март 2005 година – пишува Плусинфо.
Плусинфо пишуваше дека овој факт е од круцијално значење за предметот. Имено, водејќи истражна постапка и подигнувајќи обвинение цели 16 години откако еднаш ОЈО се изјаснило за овој „казнено-правен настан“, Обвинителството сега го крши елементарното правно начело Non ibis in idem, или, во превод, „Не повторно исто“. Во правното мислење прибавено од угледниот македонски кривичар проф. д-р Никола Тупанчевски, сега актуелен министер за правда во владата на Димитар Ковачевски, се вели: „Лицата против кои е водена или завршена кривична постапка мора да бидат ослободени од неизвесноста за нејзино повторно покренување за истото кривично дело…“
Правната логика вели дека во случајов обвинителот форсира двојно судење за иста работа, што е спротивно на член 7 од Законот за кривична постапка. Според тоа, покренување обвинителен акт, со исти наводи за кои обвинителот еднаш веќе одлучил дека не содржат елементи на кривично дело, претставува флагрантно кршење на правното начело Non ibis in idem, како и кршење на меѓународните правни стандарди и на националното законодавство.
Целата анализа на следниот линк:
https://plusinfo.mk/pochnuva-sude-eto-za-poshtenska-banka-sudot-zamizha-pred-site-propusti-na-istragata-obvinitelstvoto-odi-na





