По отвореното писмо од политичари од Европската унија, директорот на Норвешкиот Нобелов институт, Олав Њелстад, изјави дека Комитетот за Нобеловата награда за мир не може да го продолжи поминатиот рок 31 јануари за да се прифати номинацијата на украинскиот претседател Владимир Зеленски.
„До денеска, Норвешкиот Нобелов комитет нема примено такво писмо. Комитетот не може да го продолжи крајниот рок за номинации за Нобеловата награда за мир, кој е 31 јануари“, изјави Њелстад за РИА Новости.
Тој додаде дека членовите на Комитетот го задржуваат правото да поднесат сопствени номинации до нивната прва формална средба. Таа веќе се случи на 28 февруари.
Вкупно 36 сегашни и поранешни официјални лица на ЕУ, вклучувајќи пратеници и министри, потпишаа отворено писмо со барање Нобеловиот комитет да го продолжи својот краен рок за номинацијата за наградата за мир до крајот на март, за да го олеснат предлогот за Зеленски.
Иницијативата покрената главно од холандски политичари ја повика меѓународната заедница да ги поддржи „храбрите украински мажи и жени“ во војната „поведена против нив од Руската Федерација“.
Украинците се борат „за зачувување на демократијата и за самовлада“ преку „отпор на авторитарните сили“.
Во моментов се номинирани 343 кандидати за Нобеловата награда за мир за 2022 година, од кои 251 поединци и 92 организации. Минатата година наградата им беше доделена на рускиот новинар Дмитриј Муратов и на неговата филипинска колешка Марија Реса.





