Таневски: „Македонија да биде целосно покриена со НАТО-‘чадорот’ – за да не се доведе под прашалник зошто постои“

„По загрепскиот инцидент НАТО се најде под сериозна критика дека нема еднаков критериум кога станува збор за одбраната на сите земји-членки, особено на помалите, вклучувајќи ја и Македонија. Сериозно се доведуваат под прашалник смислата на Алијансата и обврските што ги носи членството во НАТО.“ – вели Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Ги покрива ли доволно сигурно чадорот на НАТО сите од ‘јатото’?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Падот на беспилотното летало во Загреб отвори многу прашања

Таневски пишува: „По десетина дена од падот на извидувачкото беспилотно летало вооружено со експлозивна направа во хрватскиот главен град Загреб и натаму останува загатката од каде долетал вооружениот дрон и како непречено ја минал противвоздушната одбрана на две НАТО-членки, Романија и Унгарија. Само неколку дена потоа друго беспилотно летало навлезе во романскиот воздушен простор, јужно од Украина. Сите овие примери говорат дека нешто чудно се случува над воздушниот простор на источноевропските членки на НАТО, па со право се наметнува дилемата: дали Алијансата има еднакви критериуми кога станува збор за безбедноста на поновите членки на најголемиот светски воен сојуз и постарите земји-членки?“

„Држи ли ‘сенка’ ‘чадорот’ на НАТО еднакво насекаде?“

„Дали НАТО ќе дејствуваше толку воздржано ако вакво беспилотно летало случајно завршеше на некоја улица во Лондон, Берлин, Париз или некој друг поголем европски град? НАТО се најде под сериозна критика дека нема еднаков критериум кога станува збор за одбраната на сите земји-членки, особено на помалите. Сериозно се доведуваат под прашалник смислата на Алијансата и обврските што ги носи членството во НАТО.“

„За да не се повторат слични инциденти во иднина и да не се доведува под прашалник заложбата на НАТО за партнерски однос меѓу сите земји, Алијансата веќе ја промени процедурата за следење слични летачки тела. Со новиот пристап, НАТО мора да ги крене авионите во воздух дури и кога постои сомнеж дека станува збор само за радарска рефлексија. Тоа ќе важи ако заканата се однесува за сите земји, вклучувајќи ги и малите како Македонија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Албанија, кои на својата територија немаат никаква противвоздушна одбрана и целосно зависат од постарите сојузници.“

„Алијансата мора посериозно да поработи на безбедносните аспекти и во државите на Балканот, бидејќи заштитата на нивните граѓани треба да биде еднаква обврска на командата во Брисел. Македонија, како и сите други партнери, заслужува еднаков пристап, па кога веќе ги усогласила својата надворешна политика и стратегиска цел со оние на западните сојузници, тогаш треба целосно да биде покриена со ‘чадорот’ на НАТО.’ – истакнува Сашо Таневски во својата анализа, покрај другото.

Интернет-врска до целата анализа:



https://www.novamakedonija.com.mk/pecateno-izdanie/gi-pokriva-li-dovolno-sigurno-chadorot-na-nato-site-od-jatoto/