Ракометната репрезентација на Македонија загуби со 24:22 од Романија во Букурешт, но благодарејќи на триумфот од 30:22 во првиот натпревар во Скопје избори двомеч со Чешка за пласман на Светското првенство 2023 во Шведска и во Полска.



Првиот дуел со Чесите е закажан за 13 април во Злин, а реваншот ќе се одигра четири дена подоцна во Скопје.

Избраниците на селекторот и играч Кирил Лазаров не беа на нивото од првата средба со Романците прексиноќа во арената „Борис Трајковски“, но не му дозволија на противникот ни да се понадева за чудо.

Најмногу што успеа составот на Чави Пасквал е да поведе со 20:17 десет минути пред крајот, но по тајмаутот од Лазаров гостите израмнија на 21:21 и ставија крај на неизвесноста.

Меѓу деветтемина стрелци во македонскиот тим најефикасен беше Лазаров со 6 гола од 12 обиди, Филип Кузмановски заврши со ефект 3/5, а голманот Мартин Томовски запиша 9 одбрани.