„Иако извештајот на американските разузнавачи недвосмислено укажува дека Русија ја искористува корупцијата за да купи влијание во европски земји, меѓу кои и во Бугарија, сопретседателот на македонско-бугарската историска комисија Ангел Димитров неосновано обвинува и ‘тропа’ дека Македонија би можела да биде ‘тројански коњ’ на Москва во некој натамошен развој на настаните. Димитров нека го прочита извештајот на Националната разузнавачка служба на САД, во основано се тврди дека токму Софија е корумпирана при донесувањето одлуки да помогне во извршувањето на руските надворешни работи и цели…“ – пишува Марјан Велевски во анализата со наслов „Кога тројанските коњи галопираат“, која ја објави весникот „нова Македонија“.
Велевски пишува: „Нов студен туш дојде отаде океанот во екот на бугарската лавина вербални напади и конструирани медиумски обланди во кои не се избираат зборови за да се пласира нивната ‘вистина за Македонија’, со цел да се сврти вниманието на светската јавност. Во извештај на Националната разузнавачка служба на САД се наведува дека Русија ја користи корупцијата како ефективна алатка за надворешна политика, за да ги унапреди своите геополитички цели и да купи влијание во други земји. Во извештајот е нагласено дека ‘Русија ја искористи корупцијата, за да помогне во развојот на мрежи за покровителство во земјите, вклучувајќи ги и Унгарија, Бугарија, Словачка и Украина, да влијаат на донесувањето одлуки и да помогнат во извршувањето на руските надворешни работи и цели на политиката’. “
Сега, откако се разоткриваат работите кој за кого работи и чии интереси застапува, треба ли дополнително да ги коментираме зборовите на соопретседателот на македонско-бугарската историска комисија Ангел Димитров? Тој пред неколку дена во колумна за агенцијата БГНЕС ја посочи Македонија како блиска до Москва, како држава што е генетски поврзана со Србија и со Русија. Димитров ги повика ЕУ и САД да не ја критикуваат само Бугарија, бидејќи Македонија би можела да биде ‘тројански коњ’ на Москва во некој натамошен развој на настаните.“
„Во ситуација во која извештајот на американските разузнавачи недвосмислено укажува дека Русија ја искористува корупцијата за да купи влијание во европски земји, меѓу кои и во Бугарија, зборовите на овој дипломат ми личат на онаа позната изрека ‘Држете го крадецот!’ Американските разузнавачи многу јасно и недвосмислено си кажаа кој под чија капа бил, е и ќе биде. Би можеле да потсетиме и на неодамнешното апсење на бугарски висок офицер во пензија, на ланското обвинение против шест воени претставници за шпионирање во корист за Русија…“
„Но, официјалните македонски претставници молчат и не реагираат на зборовите на Димитров. Ако ништо друго, барем да се кажеше некој збор. Но, ним им е убаво и вака: ‘Нека нѐ зборат, па макар и по лошо’.“ – вели, покрај другото, Марјан Велевски во својата анализа.
Интернет-врска до целата анализа:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/nas-stav/koga-trojanskite-konji-galopiraat/





