„Македонската Влада шири невиден оптимизам дека единствен проблем околу почетокот на македонските преговори со ЕУ е исклучиво бугарското вето. Нејзината позиција е и дека Бугарија е целосно изолирана во Унијата, па дури и оти е ставена на столбот на срамот, затоа што ја блокира македонската европска интеграција, а со тоа и стратегиските цели на Брисел, но и пошироко на целата западна алијанса. Македонската влада сака да порача дека постои невиден притисок кон Бугарија, зад сцената и зад кулисите, каде што се вклучени и САД, со сета своја дипломатска моќ, за да се прекрши Бугарија, па тие да го дигнат ветото.“ – вели Ивица Боцевски во својата анализа со наслов „Ќорсокак во процесот на проширување на ЕУ“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Боцевски пишува: „Освен во македонската јавност, апсолутно никаде во Европа ова прашање не излегува во етерот и не гледам дека Бугарија има статус на неранимајко или на одметник во Европската Унија. Значи, сигналите што ги испраќа македонската влада се погрешни, а да не зборувам колку разорно влијае тоа на веќе возбуденото и разјарено македонско население, кое одамна нема трпение за нови неправди и за ново лицемерство кога станува збор за македонската европска интеграција.“
„Што се однесува до алтернативите. Неколку пати кога сум бил носител на јавна функција, сум се обидувал да предложувам креативни решенија за деблокада на македонскиот интегративен процес и за продолжување на македонскиот од кон Брисел. Притоа, најинтересен бил предлогот Македонија веднаш да влезе во заедничкиот европски пазар, камен-темелникот и потпорниот столб на Европската Унија, преку итно членство во Европскиот економски простор.“
„Меѓутоа, и во 2008 година, но и во 2014 година, иако Брисел беше заинтересиран за овој предлог, одговорот од Париз и од Берлин беше директен и мошне брутален дека „тоа не е за вас“, односно дека членството во Европскиот економски простор е патека за земјите од ЕФТА, како Норвешка, Швајцарија и Исланд, но не и за земјите од посткомунистичка Европа, како Македонија. Според најновите информации, климата веќе се менува и во Брисел, но и во клучните главни градови, како Берлин и Париз, па веќе се размислува, а на некои средби и се понудило членство во Европскиот економски простор и влез на земјите од Западен Балкан во заедничкиот европски пазар.“
„Наводно, тоа е една од мерките, како меѓучекор до целосното членство во ЕУ, која Макрон има намера да им ја предложи на земјите од Западен Балкан по неговиот претстоен реизбор, и на самитот на ЕУ во јуни, во рамките на француското претседателство. Наводно, сега проблемот бил на Балканот затоа што некои влади, од кои најгласна била македонската влада, се противат на таа алтернатива и сметаат дека таквиот развој на настаните го исклучува членството како стратегиска цел за државата.“
„Јас сметам дека ваквото размислување е целосно погрешно и дека тоа е спротивно на македонските национални интереси. Влез на Македонија во заедничкиот пазар и во Европскиот економски простор ќе значи дека македонските граѓани веднаш ќе ги уживаат четирите слободи што важат и за сите други полноправни земји-членки на Унијата, како и дека македонските бизниси ќе може без никакви ограничувања да работат низ ЕУ и ЕЕП, а веднаш границите на Македонија ќе бидат растегнати од Лисабон до Закопане и од Хелсинки до Крит.“
„Одбивањето на понудата за влез на Македонија во заедничкиот пазар и во Европскиот економски простор е спротивно на македонските национални интереси, ѝ оневозможува на земјата да го искористи сиот свој потенцијал и нѐ принудува да тапкаме во актуелниот пристапен процес, кој не води никаде.“ – заклучува Ивица Боцевски во својата анализа.
Интернет-врска до целата анализа:





