Една од економските гранки на удар од влошените македонско-руски односи со воведувањето санкции од македонска страна и со прогласувањето на Македонија за непријателска држава од руска за возврат е производството на автомобилски акумулатори.



Македонија е десетти извозник на акумулатори за автомобили во Русија со вкупно 148.437 извезени единици во 2021 година или 3 проценти од вкупно околу 4,4 милиони увезени парчиња од овој продукт на автоиндустријата во најголемата држава во светот.

Сличен извоз на автомобилски акумулатори во Русија минатата година остварила и Србија, која е деветта на оваа листа со 154.129 парчиња или 3 проценти од пазарот, а дека македонскиот извоз не е за потценување покажува и тој на Германија од 159.240 или 4 отсто.

Убедливо прва е Јужна Кореја со 1,2 милиони извезени акумулатори или 28 отсто, а во топ-10 само Турција не е на листата непријателски држави што ја објави Русија.

Трговската размена меѓу Македонија и Русија минатата година достигна 233,5 милиони американски долари, со што Руската Федерација е 20. трговски партнер на земјава, а на македонскиот извоз отпаѓаат 57,1 милиони.

Во извозот на Македонија во Русија најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и фероникелот.