Куновска: „Зошто, Европо, ни ги одзедовте идентитетските симболи? – Зошто го одобрувате новиот геноцид врз Македонците?“

„Силата и неправдата, Борел, ја практикувате сите вие од ЕУ, ОН, НАТО… што е најстрашно – во името на меѓународното право, кое е мртво! Без правичност во вашето службено однесување со намера нѐ лишивте од слободата и правото на самоопределување, применувајќи врз нас комбинирана психичка тортура од присилба, измама, уценување, заплашување, подметнување…“ – вели Јагнула Куновска во својата колумна со наслов „ Бој не бие срцето на јунакот, туку…? “, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Куновска пишува: „Наликувате на модерна организирана групација, која без синџири на рацете и нозете, во потчинетост држи цели генерации на сегашни и идни Македонци, на кои им се одземаат сегашноста и иднината, исто како што им е со засек во опстанокот одземено минатото.“

„Борел, ни напишавте и ни испративте цел ферман од поетски пораки, за да нѐ окуражите, во кој нѐ нарекувате ‘аши пријатели од Западниот Балкан’, со кои, наводно, ‘заедно стоиме на вистинската страна на историјата…’ и дека поради тоа, ‘големото мнозинство сакаат да се приклучат на ЕУ, најуспешниот мировен проект во историјата на човештвото’ … Сиротите ние!“

„Нема да простам, бидејќи не е за простување тоа што нас – бегалците од Егејска Македонија, како Европа не нѐ заштитивте (со збор) од напалм-бомбите на Англичаните, кои осојузени со Грците нѐ истераа од нашата сопствена и вековна македонска земја… Зошто, како Европа, останавте глуви и на плачот на мајките и илјадниците голи и боси истерани деца, кои сами, како бездомни кучиња, беа праќани по туѓи земји? Зошто го премолчевте тој геноцид извршен по Втората светска војна, врз мојот недолжен народ?“

„Зошто денес истото тоа го практикувате врз македонската земја и Македонците, како поддршка на новиот вид модерен геноцид, кој продолжувате да го одобрувате? Вие со принуда ни го одзедовте правото слободно да ги избираме и со гордост да ги носиме нашите идентитетски симболи – името на државата и знамето. Сега јазикот и историјата се на ред…? – Малку ли беше што преку намесниците е потпишан капитулантскиот договор со Грција, со етноцидни политики на уцена и фашизоидни ултиматуми? Сега треба и со Бугарија…?“

„Молчевте и молчите, а знаете да кажете дека со закон, некаде, е забранет неофашизмот, кој процвета како нов цвет од старо стебло, токму во вашиот Европски парламент, со фашизоидни закани врз нас Македонците, кои вие со молк ги одобривте, исто како и фашистичкиот поздрав, кој вам ви беше упатен.“ – изнесува, покрај другото, Јагнула Куновска во својата колумна.

Интернет-врска до целата колумна:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/boj-ne-bie-srceto-na-junakot-tuku/