„Продолжува неизвесноста за брз излез од чекалницата на ЕУ. Македонија е оставена во ‘празен простор’ во најтешкиот период за Европа и светот по Втората светска војна.“ –вели Митко Јовановски во својата анализа со наслов “Колку излези и колку влезови има чекалницата за ЕУ?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
„Има ли крај за непроменетата ЕУ-интеграциска состојба и дали треба да се бараат алтернативи?“
Јовановски пишува: „За една недела високи претставници на Европската Унија го посетија Балканот, но освен нови ветувања и поддршка на европскиот пат, балканските земји, меѓу кои и Македонија, не добија никакви конкретни сигнали дека во Брисел веќе е надминат ‘заморот од проширувањето’. Граѓаните се соочија со реалноста дека Македонија нема да добие датум за почеток за преговори, ако не се реши билатералниот спор со Бугарија, која нема намера да го симне ветото за Македонија. Неизвесноста продолжува.“
„Стремежот за ЕУ да остане, но сами да направиме функционални институции и систем“
„Според политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, случувањата на геополитички план нема битно да ни ги променат нашите позиции, гледано низ аспект на проширувањето на ЕУ. ‘Со последната порака од Брисел јасно ни е кажано дека нема да бидеме примени во европската заедница. Наместо нашите политичари да нѐ убедуваат во спротивното, ние, како држава, треба да се свртиме кон себеси, а тоа е да направиме функционални институции, да се посветиме на намалување на корупцијата и криминалот. Основно е да го заштитиме нашиот интерес. Македонија треба да се однесува како и ЕУ, која продолжува да тргува со рускиот гас, во исто време кога се воведуваат санкции. Треба да го гледаме примерот на Србија, која остана неутрална за време на замрзнувањето на односите меѓу Русија и западните земји.’ – вели Пекевски.“
Пекевски дополнува: „Не мислам дека треба да бараме некои нови партнерства, или политички сојузи. Нашиот стремеж треба да остане ЕУ, но треба и да се запрашаме: дали се тоа истите европски вредности за кои се залагаат и самите членки? Врз примерот со Македонија гледаме дека не се применува во практика тоа што се заговара како европска вредност. Потребно ни е мудро вртење во надворешните политики во насока на зачувување на сопствените интереси. Прашањето што треба да си го поставиме е: кој ќе ни ги надомести изгубените пазари за нашите земјоделски производи по избивањето на руско-украинската криза?“
„Македонската европска иднина е заглавена во Софија, а други опции се речиси неможни?!“
„Поранешниот македонски дипломат Драган Јањатов забележува дека македонската европска иднина е заглавена во преговорите со Бугарија, а други опции за нашата земја се речиси неможни. ‘Видливо е дека се подготвува терен да се почнат некакви преговори и да прифатиме некаква формулација што ќе ни се предложи. Македонија е таа што треба да ја проголта жабата. Немаме друг избор, а други опции нема да ни бидат дозволени по тоа што се случува на глобален план.’ – вели Јањатов.“
Интернет-врска до целата анализа:





