Клековски: „Македонија не е руски ‘тројански коњ’, туку најверен евроатлантски партнер, без евроскептицизам и путинизам“

„Во Македонија нема русофилство, туку убедена евроатлантска операција.“ – вели Сашо Клековски, аналитичар и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, во својата колумна со наслов „ЕУ шири евроскептицизам?“, што ја објави весникот „Нова Македонија“, во која тој изнесува лични ставови.

Клековски пишува: „Некако стана обичај секоја посета на висок претставник на ЕУ, во последниот случај на Жосеп Борел, потпретседател на Европската комисија, при посетата на Скопје неделава, да предизвика нови евроскептични реакции во јавноста, и тоа во еврофилската јавност. Што може да се толкува како поттик, ширење евроскептицизам?“

„Тоа го нема ниту во изјавите на Борел во Скопје: ‘Ова е момент за будење на Европа. Ова е момент да се заживее процесот на проширување со земјите од Западен Балкан… Преговорите за пристапување со Албанија и со с.Македонија се висок приоритет за ЕУ… Билатералните прашања не смеат да го загрозуваат процесот на пристапување’. Но, најновото ЕУ-ширење евроскептицизам е во исказот ‘Можам да ви ветам волја, а каде што има волја има и начин’.“

„Борел, благодариме на искреноста дека не може да ни ветите датум, тоа ќе беше поголема навреда, благодарам и за искреноста дека процесот на проширување со земјите од Западен Балкан е мртов, па сега треба да се заживее. Но немојте да нѐ навредувате со лагата дека ЕУ има волја, бидејќи, како што велите, ќе имаше и начин.“

„Ниту Грција ниту Бугарија немаше да нѐ јавнат толку многу, ако не јавнеа на бранот на ЕУ-скептицизам кон проширувањето на Франција, Холандија и Данска. Тој ЕУ-скептицизам не е антимакедонски, туку општ, и се остава валканата работа да ја завршат други, како сега Бугарија.“

„Македонија не е, ниту ќе биде каков било руски тројански коњ, и покрај сите понижувања во неа нема евроскептицизам и путинизам, туку таа е најверен евроатлантски партнер. Само не навредувајте нѐ и не правете нѐ будали! Сакаме европеизација, не бугаризација!“ – вели, покрај другото, Клековски во својата колумна.

Интернет-врска до целата колумна:



https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/eu-shiri-evroskepticizam/