Зеленски до Шолц: „Помогнете ни да ја запреме оваа војна“

Во обраќањето до германските пратеници, украинскиот претседател Володимир Зеленски упати критики на сметка на Германија за нејзиното долгогодишно непреземање мерки против Русија.



Со тоа, Германија, како што вели Зеленски, помогнала да се создаде ѕид за изолација на Украина: „Вие сте од нас одделени со еден вид ѕид. Тоа е ѕид помеѓу слободата и неслободата и тој ѕид е поголем со секоја бомба која паѓа на украинска почва“, рече Зеленски, прашувајќи: „Како е тоа можно?“

Украинскиот претседател оцени дека Германија не направила доволно за спречување на војната, на пример преку ограничување на економските врски со Русија, пренесува Дојче веле.

„Ние постојано ви се обраќавме и велевме „овој Северен тек, сето тоа е подготовка за војна’.“

Друг пример кој го наведе Зеленски е одбивањето на Западот да ја прими Украина во НАТО. Помошта и санкциите сега доаѓаат предоцна за неговата земја, вели Зеленски.

Германските пратеници го поздравија украинскиот претседател Володимир Зеленски со аплауз.

И покрај критиките, Зеленски изрази голема благодарност за дадената помош, но побара поголема поддршка.

Народот на Украина сака да живее слободно и да не се потчинува на друга земја, потенцираше Зеленски, кој на крајот од својот десетминутен говор, упати апел до канцеларот Олаф Шолц: „Урнете го овој ѕид, поддржете нè. Помогнете ни да ја запреме оваа војна“.