Павловска: „ДУИ цели кон уставна државотворност на Албанците без оглед на последиците за Македонија и регионот“

„Пред локалните избори лани ДУИ ја јавноста со ‘зелената агенда’. Но, но никој не го сфати сериозно зеленото ребрендирање на партијата со монолитна етничка структура, која пред секаков вид избори, поради агендата со освојувачки амбиции порачува ‘никогаш не се доволно правата на албанската етничка заедница’. ДУИ всушност ‘тресе зелени’, наместо да води ‘зелена политика’.“ – вели Јасминка Павловска во својот коментар со наслов „Тресење ‘зелени’ наместо ‘зелена политика“, кој го објави весникот „Нова Македонија“.

Павловска пишува: „Во 20-те години од постоењето како партија, преобразена од воена формација, ДУИ секогаш ја наметнува својата самопретстава како ‘државотворен чинител’ пред македонската, а особено пред меѓународната јавност. Сите нејзини искажани, но и некои сѐ уште гласно неизговорени цели, се да се издејствува признание за уставната државотворност на Албанците, без оглед на сите последици што би се предизвикале во Македонија и во регионот.“

„Во сета неизвесност со безбедносни, економски, енергетски предизвици на глобален план, во чиј виор е втурната и Македонија, министерот за политички систем и вицепремиер Артан Груби на својот фејсбук-профил се пофали дека Владата донела одлука на униформите на припадниците на МВР во иднина, покрај македонскиот, да стои и натпис на албански јазик. Уследи појаснување дека уредбата за униформите и нивните симболи, со која се предвидува употреба на албанскиот јазик како службен јазик во униформите на полициските служби, е во согласност со Законот за јазиците.“

„Радоста на владините функционери од ДУИ заради ознаките на албански јазик на полициските униформи се надоврзува на јавно искажаната порака на лидерот на партијата Али Ахмети дека ‘не постои национална историја на оваа земја без Националната ослободителна војска – УЧК’. И двата повода и изјави, и таа со униформите и таа со историјата на УЧК, немаат ништо заедничко со зелената агенда, која сега ја прокламира ДУИ. Или можеби заедничкото им е само ‘тресењето зелени’, што во последно време станува практика во ДУИ, во отсуство на добро осмислени ‘зелени политики’.“

„ДУИ треба да покаже сигнали дека ги следи тековите на светските процеси и оти покажува интерес за нешто надвор од етничката агенда, агресивно ‘промовирана“ пред 20 години, но со застарен дизајн. Дури и во услови на глобално подигната воена готовност, финансиска, енергетска, здравствена криза ДУИ се враќа на основните поставки од етничката агенда.“ – заклучува Павловска во својот коментар.



Интернет-врска до целиот коментар:

https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/nas-stav/tresenje-zeleni-namesto-zelena-politika/