Владата на српската покраина Војводина ќе го поддржи подигањето на споменикот „Мајка Македонија“ во Панчево, каде што е седиштето на Националниот совет на македонското малцинство во Србија.
Тоа го најави претседателот на Покраинската влада, Игор Мировиќ, на денешната средба со пвиот човек на Националниот совет на Македонците, Борче Величковски, истакнувајќи дека „тој споменик ќе биде симбол на нашата заедничка историја и пријателство“.
Мировиќ упати честитка за 75-годишнината од доселувањето на Македонците во Војводина и за 20-годишнината од нивното институционално организирање, а Величковски му врачи плакета за придонес за работата и за афирмацијата на Националниот совет на Македонците.
Заблагодарувајќи се за поддршката од Покраинската влада за активностите на Советот, Величковски оцени дека остварувањето на правата на Македонците во Србија, а посебно во Војводина, е на многу високо ниво.






