За двојазичноста во МВР: Македонија не е Шведска или Англија

Сѐ уште не е кристално јасно одредено на кој начин ќе се имплементира владината уредба за воведување двојазичност на полициските униформи, бидејќи сѐ уште не е изработен правилник или упатство за менување на ознаките на полициските униформи, брифираат за Плусинфо високи извори од Министерството за внатрешни работи (МВР), откако вчера Владата донесе одлука во Скопје и во општините во кои најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот, ознаките на униформата на полицијата да бидат напишани на македонски јазик, како и на јазикот кој што го зборува малцинството.



Извори на Плусинфо додаваат дека сѐ уште не е точно дефинирано и во кои населени места и градови ќе треба да се имплементира владината уредба, кои полициски единици ќе бидат принудени да ги заменат старите еднојазични ознаки со нови двојазични, како и дека сѐ уште не е познато дали ќе претрпат промени и униформите на припадниците на специјалната единица „Тигар“.

Универзитетската професорка и пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, во разговор за Плусинфо вели дека не е прифатливо да има двојазичност во градовите каде што не живее 20 отсто албанско население, а исто така открива дека поседува писмо од 2018 година испратено до Венецијанската комисија во коешто нашите власти искажуваат страв од евентуално нарушување на меѓуетничките односи во земјава.

– Полицијата во Македонија не е по англиски или по шведски модел. Полицијата во Англија и во Шведска е локална, но кај нас е централизирана со тоа што шефот си го бира Советот, ама повторно на предлог на Министерството за внатрешни работи (МВР). Денеска вие можете да бидете полицаец во Велес, ама утре можеби ќе ве пратат во Кичево. Денеска можете да бидете инспектор во Скопје, ама можеби ќе ве пратат на задача во Дебар. Не гледам проблем во тоа полициските униформи да бидат двојазични во единиците на локалната самоуправа каде што живеат 20 отсто Албанци. Оти, вистина, таму човек сака да си прочита на својот мајчин јазик. Ама која е логиката да има двојазичност во Прилеп или во Охрид? Тоа нема логика. Еден ден ќе објавам писмо испратено до Венецијанската комисија во коешто нашите зборуваат во свое име и велат: „Ве молиме да не го покренувате прашањето за уставноста, зашто тоа може да доведе до нарушување на меѓуетничките односи во земјата“. Луда работа. Ако е таква работата, тогаш што бараме ние во ЕУ? Таму треба да си стандарден – објаснува Силјановска.

Целиот текст на следниот линк:

https://plusinfo.mk/dvo-azichnite-uniformi-a-kantoniziraat-polici-ata-makedoni-a-ne-e-angli-a-ili-shvedska/