Дали ДУИ се обидува да постави свои услови при избор на јавни обвинители, односно да постави свој обвинител против кого пак Антикорупциска води постапки?
Советот за јавни обвинители минатиот четврток не успеа да избере пет обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал по конкурсот распишан уште лани на 15 ноември. Причината за тоа е што немало кворум.
За два дена ќе има нов обид, но според МКД.мк ДУИ условува за избор на обвинителот од Гостивар Арсим Адеми, роднина на Али Ахмети.
Според МКД.мк Советот на јавни обвинители има најголем проблем со кандидатурата на Арсим Адеми, за која ДУИ дала налог дека мора да пројде.
– Не случајно тој е ставен прв на листата за избор, па ако помине ќе може да се продолжи приемот и на другите. А дел од членовите на Советот на јавни обвинители, како што дознаваме, веќе се изјасниле дека ќе гласаат против изборот на Адеми. Претседателот на Советот Антонио Јолевски во изјава за медиуми отфрла какви било политички притисоци, пишува порталот.
А токму за овој обвинител од Гостивар, деновиве медиумите јавуваат за неколку негови спорни одлуки – за сообраќајката што ја предизвика Зоран Милески Кичеец со смртни последици, а пресудата на предлог на обвинителот беше само 6 месеци затвор и сообраќајката во која загина еден полицаец, за која пресудата беше една година затвор, а обвинителот не поднесе жалба.
ДКСК има три отворени предмети за гостиварскиот обвинител Арсим Адеми за што е известен и Советот на јавни обвинители.
Адеми е казнет од ДКСК со двесте евра глоба затоа што не соработувал со антикорупционерите за случај со стечаен управник против кого имало кривична пријава.





