Нема реакција од македонското МНР до бугарското МНР за скандалозната провокација од копретседавачот на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања Ангел Димитров, кој со колумна порача дека Македонија во ЕУ ќе биде „Тројански коњ на Русија“, што предизвика бурни реакции во домашната јавност.



Димитров: Скопје и Белград ќе бидат „тројански коњи“ на Москва во ЕУ

И претходно Димитров даваше провоцирачки изјави на кои досега ниту еднаш немаше одговор или укажување од официјално Скопје до Софија, освен неодамнешното изјаснување на шефот на дипломатијата Бујар Османи пред македонската јавност дека никогаш не реагираат и нема да се мешаат за коментари на историската комисија за историските прашања, потсетува „Слободен печат“.

Османи вчера најави дека следната тура политички разговори со Бугарија ќе се случат на 23 и 24 март во Скопје каде што ќе допатува неговата колешка Теодора Генчовска.

„Сè уште сме со различни позиции, но фактот што се сретнуваме толку често е предуслов да се успее. Ние сме унисони и функционираме во рамките на нашата Резолуција во Собранието. Се разбира и во Бугарија ги имаат своите ставови, но гледам волја кај двете страни да се најде решение. Веројатно ќе има понатаму и средба на највисоко политичко ниво. Тоа што го имаме сега е дека разговараме отворено, секој претставувајќи ги своите позиции. Не можам да навлезам во детали во оваа фаза“ рече вчера Османи на редовниот понеделнички брифинг со новинарите.