„На 13 март на полноќ истече рокот за поднесување кандидатури за претседател на Алијансата за Албанците, кој ќе се избере на вториот конгрес на партијата, закажан за 27 март 2022 година. Единствен кандидат за претседател е актуелниот лидер Зијадин Села.“ – објави информативниот портал на албански јазик „ин 7“.
„Ин7“ ја цитира изјавата на пратеникот на оваа партија Халил Снопче во врска со утврдената кандидатура на Села: „Според статутот, кандидат може да се предложи со најмалку 400 потписи и најдоцна две недели пред Конгресот. Согласно со оваа статутарна одредба, до завршувањето на рокот до кандидатската комисија е доставен само еден предлог. Повеќе од 1600 членови на Алијансата за Албанците со свој потпис го предложија Зијадин Села за претседател на оваа партија. Ние, како комисија вчера ги верификувавме членовите потпишани во оваа иницијатива, кои се од сите ограноци: од Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар, од Дебар, Кичево, Струга, од селските општини и др. Предлогот за кандидатурата на Села ќе ја проследиме до Конгресот закажан за 27 март годинава.“





