Ахмети: Не постои историја на оваа земја без УЧК

„Претседателот на ДУИ Али Ахмети заедно со соборците, членовите на семејствата на загинатите борци на УЧК-маченици на народот и претставници на здруженија се потсетија денес, на 14.март, на 21-вата годишнина од првите истрели на УЧК на Калето над Тетово.“ – јави информативната агенција на албански јазик ИНА.

ИНА ги пренесува зборовите на Ахмети: „Не постои национална историја на оваа земја без Националната ослободителна Војска – УЧК. Оваа земја има неколку столбови, без кои не може да стои на нозе. Почетоците се со Крушевската република, тоа е и Националната ослободителна војна, тоа е и независноста, тоа е промената на уставот, што претставува капак на историјата на оваа земја. И не постои историја без Националната ослободителна војка – УЧК, не постои историја без Охридскиот мировен договор. Овие столбови ја носат врз себе стабилноста и иднината на оваа земја. Ние треба да сме многу организирани. Многу работи се направени, но имаме уште многу работа пред нас за да се направи.“

Инаку, паѓа во очи дека Ахмети, лидерот на партијата, која како членка на владината коалиција поправо раководи со сегашната Влада на Македонија, не го спомна името на државата Македонија, ниту „северна“. Ахмети во 2001 година беше политички претставник и командант на Националната ослободителна војка – УЧК

Весникот на албански јазик „Лајм“ јави дека „поранешниот командант на 112-тата, тетовска бригада на ОВК Хазби Лика во речта што ја одржа на денешната манифестација, организирана заради одбележување на 14.март и 21-годишнината од војната во Тетово, истакнал оти ‘времето сведочи дека се уште не завршиле војните’.“

Лајм“ ги пренесува зборовите на Хазби Лика: „Нешто мораме да имаме на ум: времето многу добро потврдува, а особено ова последно време, дека војните се уште не завршиле. Времето потврдува денес дека најсилниот му јава на вратот на послабиот, кога ќе посака. Затоа, да се собираме и да не бидеме ние оној најслабиот, да не бидеме угнетувани, но и ниту ние да не угнетуваме. Нашата главна цел е да ги одбраниме своите територии, своето достоинство, она парче слобода што ни го донесоа нашите загинати маченици.“



Инаку, Хазби Лика, со прекар „Командант Чела“ во конфликтот во 2001 година, беше заедно со Ахмети дел од основачите на УЧК во Македонија. Тој беше заменик-министер за внатрешни работи  (2003-2005), градоначалник на Тетово (2005-2009), а во 2017 година и заменик-претседател на Владата задолжен за спроведување на Охридскиот договор.