Чепреганов: „Со покажувањето надмоќ кон Македонија Бугарите си ја лекуваат искомплексираноста, што Русите им дадоа државност“

„Настанувањето на односот на надмоќ на Бугарија кон Македонија треба да се побара многу подлабоко, во односот на Русија кон Бугарија. Токму Русија низ историјата покажувала слични стремежи кон бугарската држава и народ. Софија оттаму ги влече својата искомплексираност и фрустрации. Затоа и не треба да зачудува цврстиот став на бугарскиот политички естаблишмент, како и на самите Бугари, да не се прават никакви отстапки во преговорите со Македонија додека земјава не ги прифати ултимативните барања на Софија за бугарски идентитет на Македонците, за бугарско потекло на јазикот, како и за бугарска историја.“ – вели Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Бугарскиот комплекс на окупатор и ослободител“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



„Од каде фрустрациите на Софија во пакет со сталинистичко-болшевичките методи со кои удира врз Македонија?“

Таневски пишува: „Бугарското вето за македонските евроинтеграции и апсурдните барања содржани во нивната декларација, изгласана во нивното народно собрание, која всушност е одраз на бугарските вековни стремежи и аспирации кон ова парче земја, се одраз на една длабока фрустрација од минатото, од која Бугарија и самото бугарско општество никако не можат да се ослободат. Затоа и не треба да зачудува ставот на бугарскиот политички естаблишмент, како и на самите Бугари, да не се прават никакви отстапки во преговорите со Македонија додека земјава не ги прифати ирационалните, без основа и ултимативните барања на Софија, за бугарски идентитет на Македонците, за бугарско потекло на јазикот, како и за бугарска историја?!“

„Она што Русија го правела врз нив, тие со истата методологија го применуваат врз Македонија. Голема земја како Русија ја покажува сета надмоќ врз помалата Бугарија, а поголемата Бугарија таквиот однос го покажува врз малата Македонија. Овој метод се покажа како целосно функционален, особено кога хегемонизмот најде плодна почва и во меѓународната политика, сето тоа оправдано со искривеното толкување на меѓународното право.“

„Бугарскиот однос кон Македонија е класично пресликување на рускиот однос кон Бугарија“

„Историчарот Тодор Чепреганов целосно се согласува дека бугарскиот однос кон Македонија е класично пресликување на рускиот однос кон Бугарија. ‘ Бугарија денес го користи истиот метод што врз неа го применуваше Русија. Комплексот што го имаат Бугарите спрема Русија во однос на нивната државност, сега го покажуваат на Македонија. Сакаат да покажат дека тие се чинителот, што ќе ни кажува кои сме, што сме, дали ќе влеземе во ЕУ или, пак, не. Тој негаторски однос, однос на понижување, постои затоа што Бугарија го има комплексот дека некој друг ѝ ја дал државноста. Го слават 3 март како ден на државноста, а, всушност, слават руски празник, бидејќи Русите им ја дале државноста. Тие се творба на Русите, а не како што тврдат дека ние сме творба на Тито и Коминтерната. ‘– појаснува Чепреганов.“

„Според него, Македонија не смее да дозволи Бугарија врз нејзиниот грб да ги лечи историските фрустрации. ‘Тој комплекс дека некој друг ве формирал создава багаж. Бугарија дури не беше присутна на Сан Стефано, таму беа Русите. Бугарите не знаеја, ниту беа свесни дека им е формирана државата. А Бугарите не можат да кажат дека нè формирале како македонска држава. Ние тоа го немаме, бидејќи сме учествувале на страната на антифашистичката коалиција, сме биле основачи на ОН, така што со Бугарија можеме и треба да разговараме сосема рамноправно, без каков било комплекс.“ – истакнува Чепреганов.“

Интернет-врска до целата анализа:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/bugarskiot-kompleks-na-okupator-i-osloboditel/