„…Никој нема да остане недопрен во големите геостратешки поместувања кои ќе следат. И ние сме дел од таа светска економска војна. Сме прогласиле санкции и не можеме да се криеме како бубачки.
Што правиме, имаме ли план или ќе чекаме каде ќе дувне ветерот, таму да паднеме“, пишува Солза Грчева , претседател на партијата „Глас за Македонија“ за порталот „Фазан“.
„Западот се натпреварува во санкциите кон Русија, одејќи дотаму да бара „покајување“ и од нејзини врвни уметници. Во Загреб е забрането на концерти да се изведуваат дела на Чајковски. На руски спортисти им е забрането учество на светските натпревари. Да не зборувам за укинувањето на авионски линии, одвојувањето на банкарскиот систем, повлекувањето на неброен број компании, заплената на имоти, цензурата на медиуми, итн. Се одвива една хистерична, берзанска трка на наддавање кој што забранил.
И си пукаат во нога. Веќе почнаа и да плачат. А, допрва ќе плачат кога ќе се освестат дека од Германија, земјата на која по војната и беше забрането да има војска, а сеуште и е забранет извоз на оружје, направија воена сила која наеднаш многукратно го зголеми буџетот за војската. НАТО, кое живее од воениот комплекс, тоа им го препорача на сите земји членки.
Нам, ако не се освестиме бргу, не ни се пишува добро. Веќе секојдневно скокаат цените, Русија можеби ќе ни го забрани извозот на храна што за нас значи многу, може како утре да ни го прекине гасот од кој сме 100 отсто зависни, но се плашам и од недостаток на основни производи.
Што правиме ние? Имаме ли план да речеме, како ќе го замениме бргу гасот, од каде ќе го дополнуваме кусокот на житарки, дали веќе потпишуваме договори за извоз на нашите земјоделски производи со други земји, што ќе биде со нашите банки, како ќе ја амортизираме сега веќе извесната рецесија, прашува професорката.
Има ли кој да ги анализира, да ги предвиди, да се адаптира, да ги заштити граѓаните од последиците, па дури зошто да не, подобро да не позиционира од оваа нулта точка во која чмаеме со децении?
Ова беше реторичко прашање. Секако дека нема. Затоа, Господ на помош!







