Началникот на оддел на хрватската воена полиција Владо Ковачевиќ потврди дека од остатоците на урнатото беспилотно летало е извлечена црната кутија која е делумно оштетена.
Тој додаде дека дел од фрагментите упатуваат на можноста леталото да носело експлозивна направа.
„Пристапивме кон форензички дејства, но многу внимателно, како да оперираме око. Имавме пречки, електричен кабел во непосредна близина, големо стебло чии корени се длабоко во земјата паралелно со леталото, а освен тоа имаше и претпоставка дека може да има експлозивна направа сè уште во трупот на леталото. Најважното е – ја извлековме и дојдовме до безбедносната кутија, таканаречената црна кутија“, кажа Ковачевиќ за ХРТ.
Со вештачење ќе се дојде до дел од податоците, кажа тој.
„Можеме да претпоставиме дека леталото носело експлозивна направа, еден дел од фрагментите укажуваат на тоа, но допрва ќе видиме“, наведе Ковачевиќ објаснувајќи дека, кога е леталото со шпионска или разузнавачка намена, не се користи експлозив па по сè изгледа леталото било со друга намена.
Читањето на кутијата ќе го извршат експерти од хрватското воздухопловство, и ќе се вклучат и научници, а не е исклучена соработка со партнерски земји кои имаат искуство.





