„Падот на поддршката кон европската и евроатлантската интеграција на Македонија не е производ на некакво руско или кинеско влијание во јавниот простор на руска, на кинеска или турска пропаганда, лажни вести, насочени кампањи ‘од странски центри’ на социјалните мрежи, или други измислици. Падот на поддршката произлегува исклучиво од изневерените очекувања и од драматичната разлика помеѓу прокламираните вредности и изостанокот на какви било акции.“ – вели Ивица Боцевски во својата колумна со наслов „Пропуштените европски шанси во Македонија“, која ја објави весникот “Нова Македонија“.
Боцевски пишува: „Македонците очекуваа дека влезот на Македонија во ЕУ ќе значи конечен крај на сите македонски голготи, крај на крвавата македонска историја. За македонскиот граѓанин ЕУ значи ‘единство во разликите’, демократија, слобода, мултикултурализам, почитување на идентитетите, укинување на војната и на насилството како начин за решавање на проблемите, крај на сите форми на дискриминација, уцена и злоупотреба на државната моќ. Но, наместо тоа Македонија доби газење на одлуката на Бадинтеровата комисија и одбивање да биде признаена македонската државност од ЕУ. Потоа, дојде Лисабонската декларација каде што земјата доби ултиматум дека нема да биде признаена сè додека се вика Македонија.“
„Меѓутоа, Преспанскиот договор беше капката што ја прелеа чашата, а да не зборувам какво разорно дејство има молкот на Европа кон сегашните барања на бугарската држава. Сите прокламирани европски вредности се изгазија со Преспанскиот договор, од самото наметнување на омразената придавка ‘северна’ преку игнорирањето на референдумот и кршењето на сите можни законски и морални начела при бруталното воведување на новото име, па сè до обидите што траат до ден-денес да се исклучат сите општественици и интелектуалци што се противат на ова насилство.“
„Најфатално за европската идеја во Македонија е, ако продолжи оцрнувањето на противниците на Преспанскиот договор како антиевропејци како антидемократи, националисти или русофили. Обратното е вистината. Противењето кон Преспанскиот договор е борба за слобода, демократија, човекови права и заштита на идентитетот и културата на секој поединец, со еден збор, промоција и заштита на европските вредности. Мнозинството македонски граѓани се противници на Преспанскиот договор.“
„Токму во оваа низа на ситуации, каде што постојат цели бездни меѓу европските вредности и европските политики кон Македонија, од Бадинтер, па сè до Преспанскиот договор, лежат причините за моментната сомничавост на македонските граѓани кон европската интеграција. Само драматично различна европска политика кон Македонија, обрт што конечно ќе појде од уважувањето на македонскиот граѓанин, на неговиот идентитет, јазик и култура, може да предизвика промена на јавното мислење.“
Интернет-врска до целата колумна:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/propushtenite-evropski-shansi-vo-makedonija/





