САД ги укинуваат трговските повластици за Русија поради нападот врз Украина, објави американскиот претседател Џо Бајден во обраќањето пред Белата куќа



Тој додаде дека САД ќе го забранат увозот на дијаманти, морски плодови и вотка од Русија како дел од тие мерки, пренесува Ројтерс.

Белата куќа соопшти дека се воведуваат санкции против уште еден број руски граѓани, меѓу кои и директори на банки кои веќе се санкционирани, како и пратеници на руската Дума.

Американскиот претседател вели и дека САД заедно со Г7 и Европската унија ќе побараат укинување на статусот на „најповластена нација“ на Русија.

„Додека Путин продолжува со својот немилосрден напад, САД и сојузниците и партнерите продолжуваат да работат чекор по чекор за да го зголемат економскиот притисок врз Путин и дополнително да ја изолираат Русија на глобалната сцена“, рече тој, додавајќи дека ќе објави само неколку нови чекори за „да се притисне“ Путин“.